Рускиот православен свештеник Вјачеслав Баскаков сака луксузна гардероба и тоа до пред извесно време со задоволство го споделуваше со своите следбеници на социјалната мрежа Инстаграм, а меѓу омилените брендови му се „Гучи“ и „Луј Витон“.
Меѓутоа, поради бројните критики, тој го избриша својот налог. На свештеникот или на неговиот надреден не му се допадна медиумското внимание, кое го доби поради љубовта кон скапоцената облека и чантите.
Неговите следбеници можеа да видат дека тој, освен чевли и чанти од брендот „Гучи“, од кои една чини дури 3.400 долари, сака и влечки, чанти и куфери од брендот „Луј Витон“.
Интересно е што чевлите на „Гучи“ ги искомбинира со женска чанта од истиот бренд. Чевлите на една од фотографиите чинат повеќе од илјада долари.
Црковните поглавари го осудија таквото однесување на Баскаков и наведоа дека ќе мора да одговара пред дисциплинска комисија.
– Се надевам дека овој свештеник ќе се вразуми, рече портпаролот на рускиот патријарх Кирил.
Тој додаде дека животот на православниот свештеник не може да се подели меѓу лично и јавно, но порача „дека ниту еден свештеник не може да работи како свештеник во црква од појадок до ручек, а потоа да биде кој и да посака од ручек до вечера“.