Оваа професија стана неверојатно профитабилна – Милан заработува 36.000 евра месечно

0

Извршителот Милјан Трајковиќ од Ниш лани заработувал по 36.000 евра месечно, пишува Курир.рс.

Само на еден судски предмет за сума од 12 милиони динари, извршителот зема 4.000 евра. Тој вработува 42 луѓе.

Со оглед на тоа дека во Србија има 218 извршители, а на предметите бројот не се знае, јасно е дека секој од нив месечно заработува по 10.000 евра.

Дури и ако не успеат ништо да наплатат затоа што должникот нема имот, тогаш не работат за џабе,туку им наплаќаат на доверителите.

Курир.рс пишува дека ова е најпрофитабилен бизнис во Србија. Тие секогаш се во добивка, на мака на граѓаните кои често пати ги исфрлаат на улица.

Ќе се кратат трошоците за нотари и извршители. Законските измени предвидуваат скастрени тарифи за наплата на долгови од граѓаните.

На пример за сметка за струја од 11.000 денари, дополнителните трошоци беа околу 5.800 денари. Сега се кратат на 750 денари.

За долгови до 1.000 евра трошокот за деблокирање на банкарските сметки од 20 евра се намалува на 2 евра, а за поголеми долгови ќе се плаќа најмногу 6 евра.

Нотарската награда ќе изнесува 10% од главниот долг, но не повеќе од 500 денари. Наградата за извршител за долгови за комуналии не може да изнесува повеќе од 20% од висината на главниот долг.

Новите тарифи ќе се однесуваат и на започнатите постапки пред нотари и извршителите доколку не се веќе наплатени трошоците.

Неплатен долг од 1.000 денари за судски трошоци за сообраќаен прекршок, кој никој претходно не му ги пресметал кога ја плаќал казната за прекршокот, го чинеле скопјанецот Иван речиси пет пати повеќе или неверојатни 4.700 денари, откако добил налог за извршување. Покрај долгот морал да плати и сума од 3.152 денари, колку што чинеле трошоците за извршување, плус дополнителни 546 денари награда за извршителот што го водел извршувањето. Иван не е изолиран и редок случај, бидејќи налози за извршување не ретко добиваат голем број граѓани, кои се шокирани од сумата што мора да ја платат за да се ослободат од извршител на врата. Таа е најчесто и многупати повисока од долгот, за кој не знаеле дури ниту дека постои. Судски такси за прекршоци, затезни камати за сметки за комуналии и други долгови, кои граѓаните обично не ни знаеле дека ги имаат, најчесто стануваат причина за финансиска голгота, со која тешко излегуваат на крај.

Доверителите чекаат и по 4 години за повеќе камати

Анализата на Kомората на извршители покажува дека 55 извршители лани и во 2012 година примиле дури 72.298 предмети со побарувања помали од 100 евра, кои сочинуваат 41 отсто од вкупниот број предмети. Во овие случаи сумата што треба да ја платат граѓаните е најмалку двојно повисока од износот што го должат, а извршителите потврдуваат дека за сума од 1.000 денари може да се платат и неверојатни 15.000 денари. „Дневник“ се обиде да истражи каде затајува постапката, односно зошто за минорни долгови од 500, 1.000 или 2.000 денари граѓаните се принудени да плаќаат цело богатство, односно и суми што во многу случаи се повисоки дури и од нивната месечна заработувачка.

Истражувањето покажа дека освен компаниите на кои граѓанинот му должи, од еден налог за извршување профитираат најмалку уште тројца: адвокатите, нотарите и извршителите.

Граѓаните револтирани коментираат дека не би било проблем ако целта е да се наплати долгот, туку станува збор за врзани бизниси од кои некои дебело профитираат на нивна сметка.

Со сличен проблем се соочи и скопјанката Зорица, која за долг од 2.800 денари од годинава за парно, кое не го користи, туку е исклучена и треба да плаќа фиксен дел, со извршен налог платила над 14.000 денари.

– Освен основната сума од долгот и каматата, платив цели 4.600 денари за адвокатски трошоци, 4.400 денари за трошоци за извршување и 1.140 денари за трошоци во постапка. Само тие трошоци се над 40 отсто од просечната плата во земјава – коментира таа.

Ги прашавме нотарите и извршителите како оди распределбата на приходот и дали има „сопки“ во целата постапка. И вообичаено топката се префрла од едни на други за да заврши дури до компанијата што си ги бара парите. Велат дека с` зависи од постапката и оти во некои случаи за долг од 1.000 денари може да се платат дури и 15.000 денари.

Според извршителот Гордан Станковиќ, граѓаните секогаш „плукаат“ по извршителите, иако, според него, тие имаат најмал дел од „колачот“ наречен извршување. Тој потенцира дека огромен дел од предметите што извршителите ги добиваат од доверителите се стари и по 4 години, што секако ја поскапува постапката бидејќи во такви случаи само каматата што треба да ја плати должникот најчесто е поголема од долгот.

Големи адвокатски трошоци

– Точно е дека за побарување од 1.000 денари извршител може да земе не 5.000, туку и до 15.000 денари. Во тој износ најчесто трошоците на извршителот се меѓу 2.000 и 2.500 денари. Kаде се преостанатите трошоци?! Пред сe на помалите долгови секој пат има камата. Така на предмет од 1.000 денари ако долгот е постар од 4 години, износот се дуплира, односно каматата изнесува исто колку главниот долг. Обично доверителите чекаат 1 до 1,5 година за да почнат постапка до нотар. Постапката пред нотар трае неколку месеци. Понатаму доверителите обично чекаат од 1 до 1,5 година да го дадат предметот на извршител. Тоа се вкупно 3 до 4 години додека стигне предметот до извршител. Морам да кажам дека огромен дел од предметите се такви. Нотарот зема 1.500 до 2.000 денари. Понатаму доверителите, а особено банките и телекомите, ангажираат адвокатски фирми за да ги застапуваат пред нотарот и тоа исто така за странката-должник значи 2.000 до 3.000 денари адвокатски трошоци. Kога ќе дојде предметот во извршителска канцеларија, доверителот пак ангажира адвокат. Адвокатските трошоци пред извршителот се од 3.000 до 5.000 денари. Затоа се зборува во јавноста дека извршителот зел 15.000, што е точно, но не ги зема за себе, туку во најголем дел за трошоците на доверителот, а за извршителот се 2.000 до 2.500 денари – објаснува Станковиќ.

Тој потенцира дека некогаш и самите должници си ја комплицираат постапката и ги зголемуваат долговите.

– Откако ќе почне постапката за извршување,ако должникот веднаш почне со плаќање на долгот,трошоците се ниски, меѓутоа ако не плаќа или почне да плаќа и престане, или промени место на живеење или вработувањето, а не го извести извршителот, таквото однесување го присилува извршителот да презема нови дејства и со тоа се качува трошокот. Обично предмети со долг од 15 до 20.000 денари често стигнуваат до 50-60.000 денари, што поради камати, што поради судски трошоци. Не е проблемот во скапото извршување, туку во придружните трошоци. На пример, извршител за да блокира нечија сметка наплатува 20 евра, а банката за да ја симне таа блокада наплатува уште 25 евра. Ние дури пред три години ги преполовивме трошоците – коментира Станковиќ. Тој потенцира дека во последниот извештај на „Дуинг бизнис“, Македонија со трошоците за извршување е далеку зад балканскиот просек, односно сме под трошоците во Србија, Хрватска, Унгарија.

И граѓаните се виновни

Нотарите коментираат дека и граѓанинот со своето постапување во голема мера може да ги намали или сосема да ги избегне дополнителните трошоци.

– Во постапките со мали износи (до 10.000 денари) надоместокот на нотарот изнесува:

500 денари награда за изготвување на решението и 250 денари поштенски трошоци за доставување или вкупно 750 денари. Ако доверителот го доставува решението до нотар преку адвокат, се зголемуваат за 3.900 денари ако адвокатот не е ДДВ обврзник, односно за 4.600 денари ако е ДДВ обврзник. Ако и по приемот на решението должникот не го плати долгот, неговиот вкупен долг се зголемува и за трошоците на извршителот – објаснува нотарот Златко Николовски.

Тој вели дека времето кога компаниите го доставуваат предлогот до нотарот зависи само од самите нив.

– Тие сакаат што побрза наплата, но истовремено се чека должникот сам, без какви било трошоци да си го плати долгот. Kолку тука има намера за да се наплати камата не би можел да коментирам. Но треба да се има предвид и обврската на секој граѓанин редовно да си ги намирува своите долгови и да води сметка за нив. Така што граѓанинот и со своето постапување во голема мера може да ги намали или сосема да ги избегне дополнителните трошоци – вели тој и објаснува дека каматата изнесува некаде околу 12 отсто за граѓаните и околу 14 отсто за правните лица на годишно ниво.

Претходна статијаИскрено писмо до жената која го растури мојот брак: Ако го гледаш како последен воз, симни се на првата станица
Следна статијаДокторите и кажале на трудница да се откаже од две деца, за едно да преживее, но таа го послушала своето срце