Се омажив на 19 години, и после 20 години брак и во добро и во зло, мојот сопруг одлучи да се разведе од мене. Веќе долго време престанавме да имавме секс, но тоа мислев дека е нормално после толку години заеднички живот. Понекогаш викаат дека после толку години мажот и жената почнуваат дури да си личат еден на друг и да се чувствуваат како брат и сестра.
Причината беше друга. Очигледно мојот сопруг, по наговор на неговите пајташе со кои честопати излегуваше по кафани, одлучил да си најде помлада љубовница. Покрај неа повторно се чувствувал млад, бидејќи разбудила во него некој заборавен оган. Пред тоа со мене се чувствувал како мртовец. Така ми рече.
Во текот на разводот сите наши социјални и семејни контакти беа растргнати. Децата страшно му се налутија и не сакаа да разговараат со него, но и покрај тоа, тој беше одлучен да се разведе. Неговата фамилија беше збунета, имаше обиди од нивна страна да го вразумат, но сега како минува времето, гледам дека за нив сум само минато.
Како и да е, децата ми беа голема поддршка и за некоја година се вратив на нозе. Поради стресовите од разводот доста ослабев, а потоа се запишав и на теретана па се затегнав. Не кријам дека зедов кредит и ставив силикони. Ја сменив фризурата, носам тесни фармерки и изгледам подобро од кога и да е. Сега јас сум нечија љубовница, а со типот сум поради секс и секако внимание. Од него добивам се’ што ќе посакам. Многу е внимателен со мене. Женет е и тоа не ми пречи. Нашата врска ја кријам и не смее никој да дознае дека постои.
Сакав да го споделам ова со сите жени, можеби некои ќе ме обвинуваат, но од лично искуство можам да направам споредба како е да се живее како пожртвувана мајка, домаќинка и сопруга, а како е да се живее како нечија љубовница. Децата ми се големи и самостојни, секој од нив си има свој живот.
Сега како љубовница уживам бидејќи не ме засегаат животните проблеми, и мојот заклучок дека се’ е полесно. Да знаев дека вака се живее многу полесно, никогаш немаше да се мажам. Ова сега го кажувам низ шала, но не е далеку од вистината. Се’ си има своја вистина, но ако не се разведев, ова никогаш немаше да го знам. Ве молам мојот идентитет да остане анонимен.