И свадбите не се како што беа – младенците почнаа да поставуваат услови

0

Како вие би постапиле ако прочитате на свадбена покана дека младоженците не сакаат цвеќе и бонбониери туку скромна донација во кутија за донации? Секоја генерација си има свои, нови правила кога станува збор за венчавките. Се почитуваат старите традиции и обичаи, но сè повеќе се воведуваат нови, некои практични, а некои гламурозни постапки.

Како и да е, сведоци сме дека оној обичај за собирање пари при делење на картичките за вечера кога на невестата и се ставаат пари при поздравување, а покрај неа оди деверчето со чанта или корпа каде се прибираат парите – се наоѓа на прагот од исчезнување. Многумина би рекле, со право, бидејќи овој чин кај пошироките маси беше оценет како понижувачки.

Денес, често може да сретнете нова варијанта на овој стар обичај, но многу пософистициран. Имено, на поканите за венчавка можете да прочитате дека младоженците не сакаат цвеќе ниту бонбониера, туку парите кои би ги потрошиле за таа намена да ги донирате во корпа за донации.

Искуствата велат дека пред неколку години, кога започна овој нов тренд, кутијата за донации остануваше празна и непогледната од гостите, а младоженците дома си одеа со купишта цвеќе и бонбониери. На слатките им поминуваше рокот, а цвеќето свенуваше за два дена.

Меѓутоа, постепено свеста започна да расте, а овој тренд полека но сигурно стана редовна појава на денешните свадби. Помладите со задоволство ја полнат кутијата за донации, но има и такви кои сметаат дека на венчавка не може да се појде без цвеќе и благо. Некои сметаат дека тоа се прави симболично за добар почеток на младите, а некои едноставно не сакаат да се откажат од традицијата.

Некои пак сметаат дека таквото назначување во поканата е навредливо. Секој што ја прифатил поканата има одредено достоен подарок од кој не сака да отстапи и секое наметнување во тој поглед се смета за навредливо.

Како вие би постапиле ако прочитате на свадбена покана дека младоженците не сакаат цвеќе и бонбониери туку скромна донација во кутија за донации? Дали би ја испочитувале нивната желба или би ја одминале кутијата? Дали сте почитувачи на традицијата, едноставно практични или само сакате да ја исполните желбата на младоженците?

Ирена П.

Претходна статијаОвие хороскопски знаци секогаш го добиваат тоа што го сакаат
Следна статијаДечко ми се лизна, ми закажа состанок со мојот лажен профил, и сеа, шо да му праам