Само поради суетата (славољубието), нашето срце останува заробено од страстите, а умот непросветлен

0

Примерот со луѓето од земјата Гадаринска ни покажува дека ним им беа поважни свињите, т.е. страстите среброљубие и сластољубие, отколку Христос. А тие страсти се оние што се нарекуваат погруби и преку кои демонот најнапред напаѓа. Што ли да речеме за посуптилната страст на умот, како што е високото мислење за самите себе, односно суетата, преку која демонот нѐ држи заробени и преку која сериозно, дури на крај, нѐ напаѓа?

Суетата (славољубието) е последна страст што е на ред да се преобрази пред да се премине од првиот степен на духовниот раст (очистување на срцето од страстите) на вториот – просветлувањето на умот. Само поради славољубието нашето срце останува затворено за умно-срдечната молитва, а умот непросветлен.

Сѐ додека срцето е заробено од страстите и сѐ додека доволно не се очисти, односно додека човекот не дојде до вториот степен на духовниот раст – молитвата на умот во срцето и просветленоста, демонот останува во близината на нашето срце, го држи заробено преку страстите и затворено за умот.

Затвореноста на срцето е скриена форма на демонизираност и затоа е многу потешко забележлива и алармантна за самиот човек отколку видливата демонизираност. Видливата болест секој сака да ја исцели, но при невидливата најчесто е и доцна за исцеление – особено кога некој мисли дека е духовно здрав.

Свињарите побегнаа од Христос. Тие не ги препознаа демоните во себе, и обземени од внатрешен демонски страв, како и да се самооправдаат поради загубениот имот, ги уплашија со Богочовекот Исус Христос и другите жители слични на нив.

„И сиот народ од Гадаринскиот крај Го молеше да си отиде од нив; зашто се беа уплашиле многу“ (види: Лука 8:26-39). Посебно ги уплаши исцелението на демонизираниот. И јасно е зошто: присуството на Човек со власт и сила на слово ги распаметува славољубивите; и демоните и луѓето.

Тоа е тој „свињарски идентитет“, поради кој не Го примаме Христос и се откажуваме од христијанскиот идентитет.

Господи Исусе Христе, преку Богородица, откриј ни ја нашата скриена демонизираност и „свињарски идентитет“, и спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум

Претходна статијаМанифестот на АСНОМ
Следна статијаМинистерство за финансии се дообјаснува околу покачувањето на данокот