Ребека за мајчинството: Ги учам дека животот ни е дар од Бога a семејството е најважно

0

Најстариот син Маркијан има 11 години, а близнаците Макариј и Доротеј во септември ќе наполнат пет. Ребека со треперлив глас зборува за моментот кога дознала дека ќе има близнаци, пишува Деца.мк.

– Бидејќи претходно имав една бременост, се посомневав во симптомите. Отидов на преглед. На прегледот дознав дека сум бремена, но имав крвавење во еден дел од матката.

Се засекиравме со Мики, но докторката рече дека сѐ е во ред, плодот е безбеден и да дојдам по некоја недела – раскажува таа.Токму во тој период Ребека го организира првиот бал на различностите. Вели дека била многу ангажирана, била водителка, пеела, па на преглед отишла откако завршил настанот.

– Отидов на преглед кaj д-р Ина Станкова, која ми ја водеше бременоста. Мики задоцни. Докторката ми направи ехо и ми рече: „Ребека, па ти имаш уште едно бебе“. Почнаа солзи да ми течат. Мики дојде подоцна, а ние со докторката му ја оставивме снимката сам да ја види. Кога Мики виде на екранот, почна да скока и да вреска од радост. Бевме најсреќни на целиот свет – вели Ребека.

Во текот на бременоста поминала низ многу испитувања бидејќи првото синче Маркијан е растен по болници. Ребека вели дека раното детство на Маркијан му било многу тешко, па и нејзе и на Мики им требало време за да се опуштат со новата бременост.

Знаеле дека кога ќе си дојдат дома со две бебиња, ќе биде тешко, па ги ангажирале двете баби, кои доаѓале на смени.
– Цело време беа со нас. Така мораше да биде и со специфичноста на Маркијан. Беше интересно тоа што во почетокот Маркијан ги прифати, а потоа почна да вика: „Не ги сакам, нека си одат“. Маркијан имаше речиси седум години кога се родија близнаците – вели таа.

Доењето на две деца бил посебен предизвик за Ребека. Доротеј, кој се родил 1.900 грама, потешко цицал. Макариј, пак, е роден со еден килограм плус. Истовремено почнала да ги дои по некој месец.

Вели дека дури тогаш можела веќе сама да останува дома и со двајцата. Во почетокот ги доела на два часа, а на секое доење навечер се будел и Маркијан.

– Имав полни раце работа. Тешко беше, но и убаво.

Кога близнаците наполните три месеци, заминале во Маврово на чист воздух, бидејќи во Скопје било многу загадено.
– Таму Мики ја скрши ногата, помина низ тешки операции, па буквално беше хаос. Помина и тоа и потоа дојдоа помирни денови – вели Ребека

Претходна статијаСергеј Лавров: Западот сака да го претвори Балканот во свое упориште против Русија
Следна статијаМоника Левински за прв пат открива како го завела Клинтон (ВИДЕО)