Германија сака да го реши недостатокот на негуватели со школување на кадри во трети земји. Како можен кандидат се споменува и Македонија, но властите во Скопје не се одушевени од идејата.
Германија сака во странство да школува негуватели кои потоа би ги вработувала во своите домови и болници. Четири земји, меѓу кои и Македонија, фигурираат како потенцијални кандидати за соработка.
Македонските власти не се одушевени од идејата, и сметаат дека вакви проекти само дополнително ќе го зголемат одливот на мозоци од земјата.
Германија со години се соочува со голем недостаток на негувател(к)и, па министерот за здравство Јенс Шпан (на насловната фотографија) одлучи со нова иницијатива да се обиде да го редуцира проблемот.
„Од буџетот добивме дополнителни 9 милиони евра. Со нив можеме да побараме партнери за соработка за школи за негуватели во странство“, изјави Шпан за весникот „Рајнишен пост“.
Планот на Шпан е неговата земја во странство да финансира обука и учење на германски јазик на потенцијални негувател(к)и.
„Во идеална варијанта, со завршувањето на обуката тие би започнале со работа во Германија“. Како можни земји-кооперанти германскиот министер за здравство ги наведува Косово, Македонија, Филипините или Куба.