Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев на денешната собраниска седница за отворање на Уставот согласно Договорот од Преспа, на која е неизвесно дали ќе се постигне неопходното двотретинско мнозинство, побара политичките актери од двете спротивставени страни да си простат за крвавите настани во парламентот на 27 април.
„Ајде да си простиме, прв чекор нека биде 27 април. Тогаш, сите бевме можна мета од изманипулирани поединци, па сега е одлична прилика, застанувајќи заедно за иднината на Македонија и нашите деца, да ги простиме и да се помириме. Ајде десната страна во парламентот да и подаде рака на левата страна, ајде колеги од десната страна да подадеме рака на левата страна – рече Заев.
Тој побара пратениците, како што рече, да отворат демократски и креативен процес во парламентот за усвојување на уставни измени, при што изрази подготвеност да биде отворен за предлози и амандмани од опозицијата, доколку не се прoтиват на духот на Преспанскиот договор.
-Испраќам порака на помирување и простување за настаните на 27 април, да седнеме и да го направиме тоа. Знам дека тоа има цена и подготвен да ја платам политичката цена. Политичари доаѓаат и заминуваат, народот останува. Нема иднина за нашата земја ако прво овде во парламентот ние не ги простиме – порача Заев.
Воедно, тој ги повика сите пратеници да одлучат според сопствено убедување, но ги потсети дека изборот се однесува меѓу просперитетна и напредна државата или изолирана земја со неизвесна иднина.
Извор: Фокус