„Њујорк Тајмс“ тврди: Савидис бил руска врска за поткопување на договорот за името

0

Угледниот Њујорк Тајма во своето најново издание пишува декa ЦИА, Американските тајни служби во јуни годинава пресретнале комуникации кои потврдиле дека рускиот бизнисмен со грчко потекло, Иван Савидис, кој подолго време живее и работи во Солун, работел како руска врска на поткопување на договорот меѓу Македонија и Грција за името.

Меѓу другото, објави весникот, од доказите што ги собрале американските оперативци од пресретнатите електронски пораки, смс-пораки и телефонски разговори произлегува дека Савидис ги плаќа демонстрантите, меѓу кои имало фудбалски навивачи, да предизвикуваат насилство против референдумот во Македонија.

Според весникот, американските претставници во знак на одмазда и ги предадоа прислушуваните материјали на грчката влада на чело со Алексис Ципрас, која одговори на тој начин што протера двајца руски дипломати од Атина и им забрани влез на уште двајца руски дипломати.

Како што пишува весникот, во 2016 година во САД е формирана т.н. група Руско влијание, сочинета од претставници на Стејт департментот, Министерството за одбрана и разузнавачките служби, чија целта е да се спречи руското влијание во Европа, што вклучува и анализа на избори во европските земји каде Русија би можела да интервенира.

Весникот потсетува дека три дена по потпишувањето на договорот за решавање на спорот за името меѓу македонската и грчката влада, рускиот амбасадор во ЕУ, Владимир Чижов јавно се закани дека „за некои грешки постојат последици“, што предизвикало серија пораки од американскиот амбасадор во Атина, Џефри Пјат до Вашингтон, во кои тој предупредувал дека Москва ќе се обиде да го попречи претстојниот референдум.

„Стејт Департментот, ЦИА и европската команда на Пентагон во Штутгарт, Германија веќе се занимавале со проблемот. Но дотогаш, спротивставувањето на референдумот веќе излезе на површина во Македонија. Во текот на летото се појавуваат стотици нови интернет страници кои повикуваат на бојкот на гласањето…“, објави Њујорк Тајмс.

Претходна статијаДрама со среќен крај: Ракетата Сојуз по хаваријата принудно се врати на Земјата
Следна статија“Гранд ѕвездата“ која на снимање доаѓаше со трајлер и телохранители сега не личи на себе (ФОТО)