Суштинско недоразбирање (13.10.2018 11:14)
„И пак влезе [Понтиј Пилат] во преторијата и Му рече на Исус: ’Од каде си Ти?‘ Но, Исус не му даде одговор.“
А, што да му одговори Богочовекот Христос на Понтиј Пилат, кога од другата страна нема соговорник кој може да Го разбере?
Така и денес: психопатот што тврди дека е христијанин не може да го разбере просветлениот; ниту пак, невротичарот што тврди дека е христијанин може да го разбере христијанинот, кој ставајќи го својот ум во процес на исцеление – преку целосрдечно послушание, се труди да се очисти од пројавите на неврозата.
Пројавите на неврозата ги објаснивме: губење контрола над мислите и чувствата, губење контрола над зборовите, и најтешкиот вид невроза – губење контрола и над своите дела.
Не можат меѓу себе да се разберат оној што бара човечка правда, со оној што бара Божја правда. Не можат меѓу себе да се разберат оној што мисли дека лошите средства ги оправдува добрата цел, со оној што знае дека нема добра цел без користење на добри средства.
Не можат меѓу себе да се разберат оној што, бранејќи го својот национален идентитет – ги губи и истиот и својот христијански идентитет, со оној што бранејќи го својот христијански идентитет – го зајакнува својот национален идентитет.
Не можат да се разберат меѓу себе оној што се поистоветува со партија, држава и нација, со оној што негува пастирски однос кон партиите, државата и нацијата. Не можат да се разберат меѓу себе оној што се приклонил на една од двете световни страни – онаа што, сокриена во побожност, Го предаде Христос или кон онаа што Го распна, со оној што се држи единствено до Христос.
Што ги прави еднакви двете навидум различни световни страни? И двете ја користат световната власт во чинење неправда. Да, не можат да се разберат меѓу себе оној што го храни својот разум само со знаење, со оној што молитвено Го познал Бог во своето очистено срце – преку просветлениот ум.
„Пилат му рече: ’Мене ли не ми одговараш? Не знаеш ли дека имам власт да Те распнам, и власт имам да те пуштам?‘“
На ова приземно прашање Богочовекот одговара, но не толку нему, колку нам: „Ти не би имал никаква власт над Мене, ако не ти беше дадено одозгора; затоа поголем грев има оној што Ме предаде на тебе“.
Запаметете: предавниците Христови прават поголем грев отколку распнувачите.
Пресвета Богородице, спаси нѐ!
Митрополит Струмички Наум