Не ја поклопувајте светлината поставена на свеќникот (нашето срце)

0

Вие сте светлината на светот. Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина. Ниту, пак, светило се пали и клава под поклоп, туку на свеќник и им свети на сите в куќи“ (Матеј 5, 14–19).

Светлината за која станува збор сите ние ја имаме добиено на денот на Светото Крштение. Тоа е благодатта на Светиот Дух! Оној што запалил свеќа, на првиот степен од својот духовен развој – очистување, е тој што доволно ја очистил енергијата на својот ум. Ова очистување се нарекува и прво гледање на несоздадената божествена светлина.

Кога запалената свеќа не се поклопува, тоа значи дека оној што доволно ја има очистено енергијата на умот, првото гледање на несоздадената светлина, кое се случува во умот и разумот, не го употребува за судење и за осудување на ближниот. Судењето и осудувањето е грев, а гревот ја задушува светлината, која е и очистувачка благодат.

Исто така, значи дека првата светлина не се употребува само за интелектуално надградување, туку за севкупно преобразување на сите душевни и телесни сили. Знаењето гордее и создава поделби, а љубовта смирува и соединува во заедница – без да се изгуби личноста во соборноста.

Кога запалената свеќа се наместува на свеќник, тоа значи дека првата светлина се користи за согледување на сопствените гревови и нивно отстранување. На тој начин продолжува процесот на чистење на срцето од страстите.

Со континуирано продолжување на правилниот подвиг започнува да се чисти поконкретно и суштината на умот, која е во срцето. Кога суштината на умот доволно ќе се очисти, се случува отворање на срцето, појавување на несоздадената благодат и молитвено симнување на умот во него. Тоа е дар Божји.

Оттука па натаму, светлината, поставена на свеќникот – а свеќникот е нашето срце – може слободно да дејствува. Во оваа светлина лесно се забележува секој двиг на срцето и душата, како и помислите што сакаат да влезат однадвор. Во оваа светлина многу полесно се контролираат страстите, кои – минимално, но сè уште постојат во срцето.

Оваа светлина веќе тешко може да се задуши, за тоа е потребно пад во голем грев; а уште помала е можноста под одар да се стави, затоа што потребата од интелектуално знаење на тој степен е безначајна. И запаметете, Бог никогаш не ја пали оваа светлина за таа потоа да згасне, туку „ја наместува на свеќник, за да ја гледаат светлината оние што влегуваат!“

Ако светлината се разгорува и засилува преку постојан напор да се пребива во умно-срдечната молитва и преку подвигот на љубовта кон непријателите, тогаш таа го одведува својот „сопственик“ до третиот степен на духовниот развој, наречен обожение.

На овој степен се случува вистинското гледање на несоздадената божествена светлина, дури и со преобразените телесни очи. И овој дар тешко се сокрива, доколку се живее пред очите на јавноста. „Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина.“

Вистинското гледање на несоздадената божествена светлина му е потребно на духовниот отец за да ги води правилно своите духовни чеда. Но, од друга страна, опитот покажува дека напредокот во духовниот живот, сепак, во најголема мера зависи од слободната волја на духовното чедо – од целосрдечно усвојување на христијанскиот идентитет.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум

Претходна статијаАлександра Пријовиќ, заедно со стомачето и свекрвата предизвикаа воздишки на сцената на Гранд
Следна статијаГо изневери Саша Ковачевиќ и заврши во туѓа прегратка (ФОТО)