Светски познатиот готвач пристига во Охрид

Џорџо Дијана, Италијанскиот шеф со Мишелин ѕвезд, за прв пат ќе гостува во Македонија на манифестацијата „Taste Ohrid 2018“. Неговите специјалитети ќе може да ги пробаат среќниците кои ќе бидат дел од специјалната вечера во ресторанот на „Su Hotel“ во сабота, на 13-ти октомври.

Меѓу другите гостински готвачи кои ќе ја збогатат гастрономската понуда се и српскиот шеф Ѓорѓе Крстиќ, романскиот шеф Раду Зарнеску и македонскиот шеф Дејан Карапеев. Како дел од програмата е предвидена обука на локалните готвачи на Факултетот за Туризам и Угостителство – Охрид, Гала вечера и презентација и дегустација на разни локални и морски специјалитети за посетителите на фестивалот.

Покрај светските специјалитети кои ќе бидат понудени на дегустација за посетителите на „Taste Ohrid’, интересна за посетителите ќе биде и понудата на реинвентирани македонски традиционални рецепти. Имено, користејќи локални производи локалните шефови Давид Санџакоски и Никола Ангелкоски, ќе приготват нови вкусови за бесплатна дегустација на „After Work Sunset Party”, со почеток од 17 часот пред „Su Hotel“ во петок, на 12-ти октомври.

Покрај гастрономската понуда на фестивалот, ќе бидат понудени содржини и за љубителите на адреналинските спортови и планинскиот туризам, па во рамките на спортскиот дел од фестивалот посетителите ќе можат да уживаат во прекрасните предели на националниот парк Галичица и Охридското Езеро преку организираните тури за велосипедизам.

Настанот „Taste Ohrid 2018“ е организиран од Општина Охрид и ЕДЕН – туристички кластер за југозападна Македонија, а поддржан од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост.

Loading...