Адвокатите на осудениот експремиер Никола Груевски, кој моментално е во бегство, на денешното рочиште за случајот „Титаник“, пред Судот изјавија дека доколку му се суди во отсуство по предлог на специјалната јавна обвинителка Лиле Стефанова, му се кршат човековите права.
Адвокатот Еленко Миланов изјави дека доколку на поранешниот премиер му се суди во отсуство му е оневозможено правото да ги испитува сведоците за случајот по што даде предлог до судијата Осман Шабани, наместо на Груевски да му се суди во отсуство за него да биде раздвоена постапката.
Адвокатот Боро Тасевски истакна дека по овој предмет треба да престанат да се преземаат дополнителни репресивни мерки кон обвинетите. Тој истакна дека се уште немаат добиено акт за притвор за обвинетите Миле Јанакиески и Кирил Божиновски и дека ќе се произнесат откако ќе го добијат истиот.
„Го задржуваме правото понатаму да се произнесуваме додека не го добиеме актот за притвор на двајцата обвинети. Органите на водење на постапката треба да се воздржат од понатамошни мерки во оваа постапка. Досега сите преземени мерки, вклучително и самото обвинение и водење на оваа постапка се крајно проблематизирани“, рече Тасевски.
Адвокатот Димитар Дангов се придружи кон претходните изјави на адвокатите Миланов и Тасевски по што додаде дека суштински се противи на предлогот на Груевски му се суди во отсуство
„Не постои потребен доказ што го бара оваа одредба. Убеден сум дека судот ја знае одредбата. Во овој случај најмногу што може да се направи е да се одложи денешното рочиште“, рече Дангов.
Целата сторија прочитајте ја на: Макфакс