Со жалење ја примив одлуката на Централниот Комитет на мојата партија, бидејќи од формирањето на ВМРО -ДПМНЕ па до денес, бев и ќе останам верен на идеите и постулатите на организацијата.
Свесен сум дека партијата е соочена со многу предизвици и дека ова раководство, како и претходните, го очекуваат историски важни одлуки за иднината на Република Македонија и за ВМРО-ДПМНЕ. Ова го изјави Сашо Мијалков за Прес24.
– Секое раководство го носело товарот да обезбеди модерна и просперитетна Република Македонија која ќе биде членка на ЕУ и НАТО. Истиот товар го носи и ова раководство и нивна е одговорноста дали организацијата што ја наследиле и сите капацитети на партијата ќе ги користат за внатрепртиски поделби и чистки или за демаскирање на лошите политики на СДСМ и побргу враќање на власт.
-Новото раководство ја носи одговорноста дали партијата ќе биде респектиран партнер во рамки европските народни партии или ќе заглави во изолација. Новото раководство ја носи одговорноста за доследност на историските принципи на партијата и стратешката ориентација кон ЕУ и НАТО, вели Мијалков по одлуката за негово исклучување.
Тој додава дека на партијата и е потребно обединување, наместо разединување.
– Како долгогодишен член и функционер, чувствувам потреба да кажам дека на партијата во овие моменти и е потребна инклузивност, а не исклучувачки политики. Во моментов на партијата и е потребно обединување и водење со разум , а не емоции. Во моментов на партијата не и е потребно креирање лажен наратив и непостоечки околности со кои што се оддалечуваме од стратешките определби и влегуваме во изолација. Дали актуелното раководство ќе ги прими овие добронамерни совети или ќе продолжи да продуцира невистини и да бара непријатели таму каде што ги нема е нивна одговорност. Мое е да потсетам дека партијата не е сопственост на актуелното раководство како што не беше сопственост на претходното или тоа пред него. Јас сум убеден дека синоќешната одлука не е исправна , но тоа нема да ме поколеба во мојата определба за натамошна поддршка на модерно, десноориентирано ВМРО- ДПМНЕ, кое заедно со сите сестрински партии ќе ги брани интересите на Република Македонија во Европската Унија. Нека ни е честит и вековен празникот !125 години ВМРО – 125 години борба за Македонија ! Борбата продолжува !Да живее ВМРО ! Да живее Македонија !, вели тој.