По Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски и пратеничката Елизабета Канческа – Милевска негира дека се пазарела со власта за да гласа за уставни измени. Екс-министерката за култура во интервју за емисијата 360 степени на Алсат посочи дека не постои договор со кој нејзиниот глас за договорот од Преспа би ù донел слобода во случајот „Тендери“ каде Специјалното обвинителство ја гони за злоупотреба на службената положба.
„Како што кажав дека некој споменува дека имало поткуп, средства се делеле, повторно ги повикувам сите кои имаат таков сомнеж или имаат било каков доказ да го изнесат. Јас се обратив јавно, еве сега и во вашата емисија. Сега секој јавно ќе го повикам, еве можам да ја повикам и опозицијата и власта во моментов, СЈО, дали со мене постоеле такви преговори во таа насока, не…“, вели Канческа Милвска.
Канческа – Милевска сепак потврди дека имала средба со премиерот Зоран Заев пред во Собранието да се гласа за уставните измени. Не откри детали од разговорот, но посочи дека освен со него, имала средби и со пратеници од власта и од опозицијата. Слично како и поранешната министерка за култура, така и нејзините колеги обвинети за крвавиот упад лани во Собранието, негираат дека се пазарале со власта – да гласаат „за“ договорот од Преспа во замена за амнестија за 27 – ми април.
Сепак, сомнеж врз нивната одлука да го поддржат процесот на отворање на Уставот фрли одлуката Сашо Василевски и Љубен Арнаудов да излезат од куќен притвор три дена пред гласањето, а Крсто Мукоски излезе на самиот ден на гласањето. Тие неколку месеци беа притворени – прво во затворот во Шутка, а потоа беа префрлени во домашен притвор. Но, беа ослободени веднаш по најавата на Заев дека е потребно помирување и простување, изјава која во јавноста одекна како понуда за амнестија на учесниците во крвавото сценарио.