Македонија од денеска и официјално се најде на црната фудбалска мапа на Европа, откако во Белгија беше уапсен Драган Силјаноски – Вуко, фудбалски менаџер, кој бил дел од групата осомничени за криминално здружување, местење натпревари и перење пари.
Македонската јавност не е добро запознаена со кичевчанецот Силјаноски, зашто тој немаше маркантна кариера како фудбалер.
Почнал во матичниот клуб Напредок, каде што бил член до 1990 година, кога преминува во прилепска Победа, но потоа за кратко оди во Работнички. Игра на позицијата десен бек, а најдобрите настапи за македонски клуб ги има во тогашна Слога Југомагнат, која беше трикратен шампион на Македонија. Дури и има два повика за репрезентацијата на Македонија, кога селектор беше Ѓоре Јовановски.
По кариерата во чаирска Слога, заминува на гурбет и тоа во Белгија, во екипата на Антверпен, со посредство на срспкиот менаџер Ранко Стојиќ. Таму игра пет години, за во 2007 година да замине во израелски Макаби, каде што ја завршува кариерата.
Веднаш по завршувањето на играчката кариера, тој се сели во Белгија и почнува да работи како фудбалски менаџер. Секако, соработува со српски и хрватски менаџери, а таму и се запознава со Дејан Вељковиќ и тренерот Иван Леко, за кого белгиските медиуми пишуваат дека се мозокот на цела операција.
Силјаноски во такот на менаџерската кариера соработува со многу македонски фудбалери, а бидејќи беше „специјалист“ за Белгија, речиси секој трансфер на наш играч кој одеше во тамошен клуб, беше преку Вуко. Така, тој посредуваше на трансферите на Томе Пачовски, Горан Мазнов, Ертан Демири, Ндерим Неџипи, а најпознат е сегашниот македонски репрезентативец Иван Тричковски. Силјаноски дури посредуваше и на транферот на Тричко од Белгија во Ал Наср, за кој се споменуваше дека е вреден над еден милион евра.
Силјаноски утринава е главна вест на сите белгиски медиуми и тоа како деветти приведен актер во акцијата „Чисти раце“. Се потенцира дека една од причините поради која е дел од истрагата е што е менаџер на хрватскиот тренер Иван Леко, кој е првоосомничен како предводник на Бриж. Тој работи и со хрватскиот фудбалер во редовите на Андерлехт, Иван Сантини, кој иако досега не е споменат од истражните органи, сепак, е поврзуван со скандалот.