Новинарот Огнен Јанески денеска раскажа непријатна случка што му се случила со една наша банка.
-Пред неколку дена, по седенка во ресторан, бидејќи се плаќаше само кеш, платив и за другарка ми, при што веќе испробаната опција ,,Плати на пријател” од нејзина страна во изминатите месеци, преку апликацијата на Тутунска кон други другари (но, не и кон мене) другарка ми одбирајќи ја оваа опција со мојот број на мобилен телефон, ми прати 500 денари на сметка, кои вечерта не стигнаа.
Исто и сабајлето. Се јавивме во контакт-центарот за да прашаме зошто е тоа така, при што се востанови дека реализираната трансакција е направена кон сосема друго лице, С.С. од Оризари. Од контакт-центарот кажаа дека проблемот морал да се реши во експозитура.
Отиде другарка ми таму, при што ѝ кажаа дека истиот број го имал и тој извесен С.С. од Оризари и дека требало јас во случајов да отидам да потпишам документ дека бројот бил мој, а не негов и да сум си ги ажурирал податоците (кои патем ги проверив два пати дента), иако ми се ажурирани пред неколку месеци и повторно уште еднашпред месец дена, а мојот број со години е истиот. И друг другар провери за мене, истата ситуација.
Парите човекот си ги подигнал, не можеле да ѝ ги вратат, зашто сè си било валидно со трансакцијата.
Па се прашувам сега, како #Тутунска која како банка блокира сметки по луѓе без најави за неажурирани податоци (сведоштва по Фејсбук) и е толку ревносна за такви работи, одеднаш нешто е ненадлежна за тоа како и зошто мојот број се нашол на нечии други податоци и сега јас треба да одам да потврдувам дека тоа е мојот број.
А што доколку отидам и потврдам нечиј туѓ број? Што ако секому му текне дека со оваа опција има фалинка и можете нечиј број да наведете како ваш и трансакциите стигнуваат кај вас на сметка, наместо кај други? Само со мобилниот ли ги врзувате сите трансакции?
Како Тутунска Банка ги штити своите клиенти кои за оваа услуга плаќаат 70 денари месечно со основниот пакет, за разлика од други банки кај нас кои не наплаќаат мобилно банкарство?
С.С. се офајди 500 денари, среќа што не беа многу повеќе, иако не се малку, сметка за вода ќе си плати човек со нив.
Кој ќе го извести него дека јас сум го потврдил неговиот грешен број како мој? Нему сметката ли ќе му ја блокираат за неажурирање?
Кој ќе ги врати парите на другарка ми? Кој може сè да злоупотреби туѓи податоци во банка, каде што за најмала ситница ви бараат да ви ја скенираат личната карта за да испечатат копија од неа?
Па уште и вината ја префрлаат кај клиентите. Немој случајно некој да ја погледне гредата во своето око!
Срамота, Тутунска.“, раскажа Огнен.
Потоа, тој се пофали дека проблемот е решен:
-Ќе пишев и порано, но, поради тоа што патував, бидејќи сум на одмор, не бев во можност. Од банката (NLB Banka AD Skopje) ми се јавија нешто пред 17 часот и ме известија дека проблемот е решен со мобилниот број, при што ми се извинија за настаниот проблем. Си посакавме убав ден со културната Симона по телефон.
На другарка ми исто така ѝ се јавиле да ѝ кажат дека ќе ѝ ги вратат парите и ѝ се извиниле и нејзе. Благодарам за реакцијата и поука од случката е отворањето четири очи во секој процес од постапката при користењето на оваа опција, за која сметам дека и другите банки треба да пробаат да ја воведат, зашто е корисна при распределба меѓу друштва за плаќање заеднички сметки, на пример.