Битолскиот професор Трајковски со позитивни вести: За десетина дена би требало да го достигнеме врвот од бранот

Професорот по Механика од Битола, Дејан Трајковски, во својата најнова анализа на ковид бројките, вчера напишаа:




„17.08.2021. На државно ниво веќе со денови се намалува преносливоста на епидемијата, односно забрзувањето на растот на дневните бројки, што се гледа од речиси преполовениот ефективен репродукциски број Rt (на дијаграмот на првата слика).

Стравот си го чини своето, па веќе може да се каже дека сме во горната половина од бранот и постепено треба да се подготвуваме за врвот, односно точката на најголема болка.

Да се потсетиме, тоа ќе се случи кога Rt ќе се намали до единица.




На вториот дијаграм, на дијаграмот на факторите на растот (со седумдневно усреднување) можеме да се послужиме со линеарна екстраполација, па ако претпоставиме дека овој тренд на забавување ќе продолжи во наредните денови, можеме да предвидиме дека до врвот би дошле најрано за десетина дена.

Да го пресметаме движењето на просечниот дневен број на новодијагностицирани, за кој ќе претпоставиме дека ќе се зголемува по геометриска прогресија, со факторите на раст како нејзини количници, а за овие вторите ќе претпоставиме дека ќе се намалуваат по аритметичка прогресија од сегашната вредност 1,114 до 1,0 во наредните 10 дена.




Резултатите од симулацијата ги гледаме на дијаграмот на третата слика, каде столбови со ќерамидна боја се претставени дневните броеви на нови случаи (без земање во предвид на сезоналноста, односно денот во неделата), а со сина линија е прикажано намалувањето на факторите на растот (променливите количници на геометриската прогресија)..

Според ова сценарио, на врвот би имале најмалку 1500 случаи дневно, под услов настапувањето на врвот да не се пролонгира повеќе од десет дена. Доколку настапи подоцна, бројките би пораснале уште повеќе.




На дијаграмот на четвртата слика гледаме како би се движел бројот на активни случаи. Тој ќе расте се повеќе и повеќе, како што ќе растат дневните броеви на нови случаи.

Бидејќи старите случаи се затвораат просечно 18 дена по отворањето, активните случаи ќе продолжат да се трупаат, односно да растат уште неколку дена по настапувањето на врвот на новите случаи, се додека не започне помасовно растоварување од старите отворени случаи.




Засега е извесно само дека активните ќе надминат 13.000 случаи и дека ќе растат уште извесно време. Врвот на смртните случаи ќе настапи десетина дена по врвот на заразувањето, односно неколку дена по врвот на активните случаи.




Доколку се задржи досегашната натпросечно висока стапка на леталитет од 4,70% во овој бран, нивниот број нема да биде мал. Инаку, досега во овој бран на Делта сојот починале 86 лица, а дневното темпо на умирање е двојно поголемо од истиот период минатата година.




За бројот на хоспитализирани немаме податоци. Иако знаеме дека се движи заедно со бројот на активни случаи, поради вакцинациите стапката на хоспитализација би требало да биде пониска отколку досега (под 11%), само што во отсуство на податоци не можеме да знаеме колку точно изнесува, па следствено не можеме да правиме ни проценки за исполнетоста или претрупаноста на болниците.




Сето ова ќе треба да се издржи. Настапувањето на летниот врв ќе донесе мало олеснување, кое нема да трае долго. Веќе за еден месец (лани тоа се случи околу 20 септември) ќе започне ново зголемување на бројките, поради враќањето на вработените од годишни одмори и поаѓањето на децата на училиште, а со повеќе поминато време во затворен простор преносливоста (Rt) ќе се зголеми, па ни летната прележаност нема да биде доволна.




Ако кон тоа се додаде и опаднувачката ефикасност на вакцините (тоа што сега го гледаме во Израел и други земји кои најрано започнале со вакцинација), изгледите за претстојната есен не се баш сјајни. Единствена среќа во несреќата е што последните вакцинирани деновиве ќе бидат таман подготвени за есенскиот бран.




Испаѓа дека логиката на Шеќеринска („Не ви носиме вакцини затоа што е уште рано“) ќе најде своја потврда во пракса.“