Дуто Александар Митевски и Драган Спасов- Дац се омилени на публиката откако почнаа да снимаат заеднички песни но и преработики на познатите хитови од Балканот.
-Жените отсекогаш биле поотворени кон сфаќањето и искажувањето на љубовта, па оттаму и примањето на нејзините пораки. Мажите се малку потврди но, се повеќе знаат да искажат и да примат љубов.
Така што, проценти ќе бидат во прашање, кој повеќе ќе не слуша а, жените, се разбира секогаш имаат предност.
Ние како со некој коректор сакаме да ги покриеме неубавите работи од секојдневието и да потсетиме на некои заборавени вредности.
Преку нашата музика и текстови ги враќаме работите на вистинското место. На луѓето им се допаѓа тоа што носиме носталгија, убави спомени, кажуваме убави стихови, шириме позитива, љубов, пријателство и среќа.
Ние сме сериозни, во наши години не треба и не смее на работите да им се приоѓа несериозно. И јас и Александар сме докажани во своите професии, ова за нас е нешто друго и самиот пристап кон работите мора да е сериозен“, изјавија тие во интевју за publicitet.mk
За lokalno.mk тие раскажаа за концертот што го направија минатата година во Охрид и за тоа како функционирале во пандемијата.
– Летоска во „Антички театар“ направивме концерт или „евергрин вечер“ и дружење со нас, нашите песни и песните на сите генерации. И тоа беше навистина уникатно чувство, кога имаш спроти себе армија на луѓе наоружана со љубов и гладна за музика и поезија.
Се беше организирано според протоколи и „под конец“ од страна на Дарко Желе Манасијевски и продукцијата и би сакале конечно да дојде период кога повторно ќе можеме така да застанеме пред нашата публика.
Ние од првиот момент се придржувавме на прописите и протоколите, апелиравме и го искористивме нашето медиумско влијание за заштита од ковид 19 и носење маски.
Не ги оставивме фановите ниту еден момент и секој ден бевме ОНЛАЈН со нив, преку песни, кавери, спотови и емисии. Тоа беше еден вентил за полесно да се проаѓа годината, и за нас и за нив.
Тие неодамна снимија преработка на песната „Јовано Јованке“ со бугарскиот гудачки состав „Destiny Quartet“ и по тој повод за истиот медиум изјавија:
-„Љубовниот пасош“ е една наша идеја која се роди во карантинот кога сите граници беа затворени и сите беа заклучани во своите држави. Решивме музички да патуваме низ регионот и да ги отпееме познатите љубовни песни на сите тие јазици, со што пративме позитивна енергија, љубов и сочувство во пандемијата, како и добрососедство.
Пеевме на влашки, српско-хрватски, италијански, француски, грчки, турски… Така дојдовме до една посериозна соработка со бугарскиот гудачки квартет со кои случајно се запознавме и се договоривме дека треба да ја снимиме таа песна заедно – тие да свират, ние да пееме. Додека политичарите кажуваа НЕ, ние сите заедно кажавме – ДА, за љубовта.
Беше прекрасно да се гледа како се раѓа таа идеја, да свират и пеат заедно македонски и бугарски музичари, да се снима спот. Нема да застанеме на тоа, туку „Љубовниот пасош“ ќе патува понатаму, Белград, Загреб, Подгорица, Љубљана и секаде каде ќе најде соработник што ќе сака да удри печат во пасошот.
Денеска- 3 август е ден за славење за Дац и Александар. Тие објавија зошто денеска за нив и за сите нивни обожаватели е посебен ден:
– Драги пријатели, на денешен ден, 3 август 2019 ја отворивме нашата FB страница и официјално започна да постои дуото Дац и Александар.
Две години ви подарувавме секојдневни постови, песни, изведби, карантински месеци со вас, безброј гости, емисија “Уште ми фалиш” и нови хитови..
Добивме преку 40.000 верни пријатели и над 50.000 следбеници и почитувачи на нашата мисија – да носиме секаде љубов и позитивна енергија
Продолжуваме да постоиме за вас ( моментално земавме неколку денови за одмор) и веќе од следната недела го продолжуваме нашиот караван низ секое место, секој град каде нашите фанови сакаат да се дружат со нас.
Ви благодариме што сте секогаш со нас и ни ја давате потребната енергија и поддршка. Изненадувањата наскоро доаѓаат. Ве сакаат Дац и Александар