Владиката Европски Пимен, многу често се појавува во медиумите со свои ставови околу актуелни теми во општеството, а уште почесто пишува и на својот профил на социјалните мрежи.
Дедо Пимен е еден од оние кои не бришат коментари. Тој ги остава сите онака, „христијански“ во коментари да го исплукаат.
Денес Дедо Пимен напиша статус во кој се осврна на коментарите на социјалните мрежи, во кои се етикетираат луѓе како „северџани“, кои според нив не би требало да навиваат за фудбалската репрезентација на Македонија:
„Заминаа нашите Македонски рисови во Романија лавовски да се борат. Верувам за сите нас што навиваме за нив и од сѐ срце ги бодриме. Но останаа отворени прашања.
Кој може да навива за Македонската репрезентација, а кој не? Кој го има монополот врз патриотизмот и правото да ги сака своите, а кому му е забрането?
Кој некому забранува да навива за фудбалерите, а од дно на душата ги мрази претставниците на Евровизија? Нели истата држава со истото ново име ја претставуваат?
За жал оној кој не знае колку минути се игра фудбалски натрпревар, еве веќе си зема право да кажува кој смее да гледа и да навива за своите.
А Ти Господи не ни замерувај. Нит сме знаеле, нит знаеме што правиме, ние кои за гостоприлив народ се кажуваме а на братот око му вадиме.
Ти си рекол дека по љубовта кон Тебе ќе нѐ познаат дека твои сме. А по злобата и извадените очи меѓусебно дека Македонци сме за жал ќе ме познае светот. Но, не ни замерај.
Навистина не знаеме што правиме и што си правиме. Помеѓу куршумот и карминот почнавме да живееме, како што меѓу омразата и љубовта се живее за жал.“
На овој статус, еден од неговите фанови му прокоментира: „Дедо ај не го тупи, можеш само да кажеш напред Македонија и крај…“
На ова дедото одговори: „Напред Македонија!“