Во популарната група „Ковид 19 искуства и совети“, прашање постави Наташа Кочовска Нешовска:
„Знае ли некој да ми објасни дали двете дози од вакцината Фајзер се идентични?“
Одговор на ова прашање даде нашиот водечки епидемиолчог, проф. д-р Драган Даниловски:
-Еве јас ќе ви објаснам. Спутник В е развиен од аденовируси, едни од најчестите вируси кои предизвикуваат настинка. Во два типа на аденовирус – Ad26 и Ad5 (обработени се така што не можат да се размножуваат) – додаден е генот за протеинот на шилецот на коронавирусот.
Му служат на генот како носачи (вектори), за да го внесат во клетките на организмот, каде што тој понатаму ќе предизвика имун одговор.
Русите употребиле два различни типови на аденовируси за да постигнат поголема ефикасност. Имено, бидејќи настинките се многу чести заболувања, многу е веројатно некои луѓе да имаат развиено имунитет кон некој од овие два типа.
Ако би се употребил само еден тип на аденовирус, а примателот на вакцината поседува антитела против него, ќе се случи вакцината веднаш да биде неутрализирана, штом биде дадена.
Бидејќи е помалку веројатно истовремено да се има имунитет против два типа на аденовирус, за втората доза употребиле различен тип од оној во првата.
Значи, ако кај еден човек има имунитет против едниот, малку е веројатно да има истовремено и против другиот, па така вакцината ќе има ефект – иако помал.
Практично е ирелевантно кој аденовирус ќе се употреби во првата, а кој во втората доза. Ефикасноста на Спутник В после втората доза е 91,6%.
Астра Зенека функционира на ист принцип како Спутник В, со тоа што за носач користи аденовирус кој предизвикува настинка кај шимпанзо.
Зошто мајмунски аденовирус? Затоа што тој не предизвикува настинка кај човекот и невозможно е да постои имунитет кај човекот против него. Ефикасноста на Астра после втората доза е 81,3%.
Џонсон & Џонсон користи човечки аденовирус тип Ad26 и се дава во само една доза. Тука веќе може да се случи да постои имунитет против овој вирус кај некои луѓе.
Во колкава мера ова ја компромитира ефективноста на вакцината во реалниот свет, допрва треба да се согледа. Ефикасноста на Џонсон & Џонсон е 66%.
Повеќе детали за Спутник В имате на следниов линк
Инаку минатата недела, во медиумите проструи вест дека на скопјанец му била дадена втората доза од вакцината Спутник како прва. Имаше недоумици во јавноста што може да очекува тој човек.
Професорот Даниловски тогаш, за „Слободен печат“ објасни дека човекот треба да биде спокоен, бидејќи не е многу важно која доза од вакцината Спутник, ќе биде дадена како прва.