Последните десетина денови, во нашата држава, како и во поголемиот дел од Европа, се случува таканаречениот трет пик од актуелната пандемија со корона вирусот.
Завчера имаше рекордни во овој бран 1263 нови позитивни, а вчера бројката беше 999. Професорот по Механика од Битола, Дејан Трајковски, забележа дека завчерашната бројка на нови позитивни е петта највисока бројка од почетокот на пандемијата:
„Денешните 1.293 се петтиот најголем број на новодијагностицирани од почетокот на епидемијата до денес, а четвртиот бран е се уште далеку од својот пик.
Репродукциониот број Rt не е многу висок – точно е во границите на предвидувањата – но бидејќи стартувавме со високи 300 случаи на ден, со малку чекори (сериски интервали од 4 дена) стигнавме до тука.
Ќе бев изненаден од бројките доколку во неделата вечерта не ги видов колоните од паркирани возила во мојата улица и насекаде низ градот. Луѓето масовно одеа во посети за Поклади-прошка, заборавајќи дека се наоѓаме среде епидемиски бран.
Знаејќи дека британскиот сој на вирусот има пократко време на инкубација, денешните високи бројки точно го одразуваат неделниот високоризичен настан.
Покрај високиот дневен број на нови случаи, загрижува и денешната висока стапка на позитивни тестови (31,58%), потоа седумдневната стапка (25,64%), која нагло порасна за повеќе од еден процентен поен, како и стапката на позитивни тестови во ИЈЗ Скопје (43%).
Можеби најзагрижувачки индикатор е бројот на активно хоспитализирани, којшто денеска се искачи на 1.179. Оваа бројка е за повеќе од 200 поголема отколку во есенскиот бран, при истиот број на активни случаи, напиша Трајковски.
Тој уште предупреди дека новиот сој, британскиот е за дути 58 проценти позаразен од оригиналниот:
„Да се потсетиме на денот 07.02.2021 кога го прогласивме крајот на есенскиот и почетокот на пролетниот бран. Повеќе пати беше нагласено дека тогашната стапка на колективен имунитет од прележување (серопреваленција), иако релативно доволна за старите соеви, ни оддалеку нема да биде доволна за британскиот сој B.1.1.7, чиј базичен репродукционен број (R0=4) е за околу 58% повисок отколку кај старите соеви (R0=2,6).“
Гастроентерохепатологот д-р Владимир Аврамоски, кој заедно со нашиот најпознат епидемиолог. проф. д-р Драган Даниловски, беше еден од првите доктори во нашата држава кој понуди квалитетни информации и совети околу вирусот, уште во месец март минатата година, синоќа на својот профил на социјалните мрежи упати апел до младите од Македонија:
„Омладино на Македонија (онаа полнолетната) , потполно Ве разбирам и ја подржувам Вашата младост и енергија, но имам само една молба до сите Вас:
Разделете се физички од вашите возрасни и превземете ја одговорноста за секој ваш чекор! Не се мешајте со вашите родители!
Сѐ дури не се постигне критичен колективен имунитет по природен или вештачки пат (со вакцини), вирусот ќе циркулира и секогаш ќе го најде патот до оној кој нема имунитет доколку не се внимава…
Мерките на заштита кон возрасните и вулнерабилните категории на луѓе Ви се јасни, нема потреба да ги образлагаме…
Со оглед дека Македонија сеуште нема вакцини, друг начин да ги заштитиме возрасните и вулнерабилните категории НЕМА!“