Доколку биде одлучено да има избори наредниот месец, тие ќе бидат спроведени според протокол кој произлегува од генералните препораки. Ова денеска го истакна министерот за здравство, Венко Филипче.
Препораките се подготвени по барање на претседателот Стево Пендаровски кај кого во вторникот се одржа лидерска средба, а лидерите се договорија да се побара протокол и процена од Комисијата за заразни болести, мислења од ДИК и од ОБСЕ/ОДИХР, па наредната недела повторно да се сретнат за да разговараат за датум за избори.
„Сите лидери на средбата се изјасниле дека здравјето е на прво место и затоа очекувам дека сите партии ќе го почитуваат овој протокол. Тој произлегува од генералните препораки кои се во сила и ќе останат во наредниот период“, рече Филипче.
Како што истакна тој, протоколот е составен од неколку делови – во предизборната кампања, одржувањата на сите активности треба да се одвиваат со физичка дистанца, задолжително носење на заштитна маска и често миење на рацете.
На собирите на отворен и затворен простор ќе се внимава на бројот на учесници и ќе се користат разгласи за озвучување.
Според Комисијата за заразни болести, активностите на партиите треба да се одвииваат исклучително со почитување на генералните мерки – физичка дистанца од 2 метри, маска и дезинфекција на рацете.
Притоа препорачливо е да се користат разгласни уреди за да нема голема концентрација на граѓани. И при кампањата „врата на врата“ треба да се почитуваат овие мерки, без влегување по домаќинствата, туку пред вратата или во дворот од куќата.
На денот на изборите сите членови на избирачките одбори мора да имаат маска, прозорците мора да се отворени, а во просторијата да нема повеќе гласачи од бројот на боксови за гласање.
Гласачите мора да носат маска, која на кратко ќе ја тргнат додека се легитимираат. Дезинфекцијата на рацете ќе биде задолжителна при влез и излез од гласачкото место.
Како што кажа министерот, можна е и препорака гласачкиот ден да се продолжи.