Пандемијата на корона вирус ги остави музичарите без работа, па голем број од нив реагираат дека поради откажаните настапи кои им биле единствена егзистенција, доведени се до питачки стап и не знаат како ќе функционираат наредниот период.
Многу од нив само неколку недели по затворањето на угостителските објекти започнаа на социјалните мрежи да објавуваат апели, да се изнајде решение за сите оние на кои музиката им е единствениот извор на финансии, додека пак трпеливите порачуваа како мора да се стрпат и да го издржат тешкиот период, бидејќи целиот свет е погоден од кризата.
По вчерашната вест дека Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести и препорачаа на Владата сите мерки да останат исти и да нема отворање на локалите, се јави и Здружението на естрадни уметници со свој став.
Од таму ги информирале сите музичари дека е поднесено официјално барање до Владата, да изнајде решение за помош на најзагрозените припадници на музичката бранша.
-Факт е дека сите сме оштетени од оваа криза и тоа никој нема да ни го компензира. Некои од нас се вработени или осигурани по некоја основа, или имаат некаква заштеда, но најголемиот број немаат никаква заштеда! За жал има колеги кои се егзистенцијално загрозени.
Зависно од реакцијата на Владата за начинот и обемот на помошта ќе треба да се направи евиденција на оние на кои помошта им е најнеопходна. Во писмото исто така е побарано од државата по завршувањето на оваа криза во соработка со ЗЕУМ да започне процес на легализација на естрадната дејност.
Штом ќе бидат одобрени јавни собири здружението ќе свика собрание на кое треба да донесеме важни одлуки – пишува во соопштението од страна на ЗЕУМ кое од вчера го споделуваат голем број на наши музичари.
Со цел да си дадат меѓусебна поддршка во овој период, група на музичари на социјалните мрежи отвориле страница насловена – Музичари во карантин, каде ги споделуваат своите ставови поради состојбата.
Освен честите коментари на музичарите дека им е потребна финансиска помош или алтернативно решение во најбрзо време, има и такви кои им пишуваат да ги продадат скапите мобилни телефони и автомобили, со цел да го преживеат тешкиот период.
Извор: Фокус.мк