(ФОТО) ФФМ со голема помош во овие тешки моменти: Донираше три амбулантни комбиња

0

Фудбалската федерација на Македонија денеска ги предаде во трајна сопственост трите амбулантни возила кои нашата „Куќа на фудбалот“ ги набави за потребите на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ (стара Градска болница) во Скопје.

Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини и потпретседателот на федерацијата, Лазар Ракиџиев на директорот на Клиниката за хируршки болести, д-р Љубен Арсенков и економскиот директор на Клиниката за хируршки болести, Нермин Шакири им ги отстапија целосно опремените амбулантни возила, марка CITROEN JUMPER кои ги набави ФФМ за Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.

Соочени со последиците од здравствената криза и имајќи ја в предвид сериозноста на ситуацијата во која се наоѓаат граѓаните на нашата држава, но пред сѐ, нашите здравствени работници, ФФМ ги обезбеди трите амбулантни возила.

Исто така, даночните повластувања кои произлегуваат од Законот за спонзорства и донации, ФФМ нема да го поврати, напротив од истиот се откажува во корист на државата и фондот за борба против Ковид-19.

– Едноставно, ова е време и моменти кои не потсетуваат дека здравјето на луѓето е најважно. Нашата социјална одговорност досега многу пати била потврдена, тоа е еден од важните постулати во работењето на ФФМ и наша должност е да помогнеме со надеж дека ќе придонесеме во ублажување на последиците од оваа состојба, изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.

– Денеска се ефектуираше најавената донација во три санитетски возила од Фудбалската федерација на Македонија кои што ќе бидат во сопственост на клиниката хируршки болести „Св. Наум Охридски“.

Овие возила ќе ни бидат од големо значење во нашата секојдневна работа за транспорт на пациенти.

Досега имавме возила кои се стари над дваесет години и ова освежување во возниот парк навистина ни значи многу, изјави директорот на Клиниката за хируршки болести, д-р Љубен Арсенков.

Претходна статијаДиректорката на македонската фабрика што прави делови за „Мерцедес“ и „Ауди“ со позитивни вести за вработените
Следна статијаФилипче објави каква препорака ќе даде за 1. мај: Предлогот е повторно затворен викенд како за Велигден