Каракамишева за она што е пропуст на сите досегашни политички гарнитури во Македонија – нема закон за вонредна состојба

0

Професорката Тања Каракамишева се оглас и на социјалните мрежи и даде свое видување на актуелната ситуација:

Прецизни правила за функционирање на државата и на системот во време на вонредна состојба, и по истекот на периодот на вонредната состојба постојат во најголем дел од европските држави.

Тоа што во Македонија нема закон за вонредна состојба е пропуст на сите досегашни политички гарнитури што не нашле за потребно попрецизно да ги дефинираат правилата на игра во ваква состојба.

Во отсуство на домашни правила потребно е да се почитуваат препораките и мислењата на Венецијанската комисија кои генерално се поставени врз два столба.

Првиот столб е дека и во услови на вонредна состојба мора безусловно да се почитува владеењето на правото како најважен принцип врз кој е поставен секој правен систем.

И вториот столб е парламентарна и судска контрола на сите акти донесени од страна на владата и претседателот во време на вонредна состојба со цел заштита на владеењето на правото.

Во нашиов случај, со оглед дека Собранието е распуштено оваа парламентарна контрола би се направила од страна на новиот парламентарен состав.

Но, прашање што заслужува одговор е зошто отсуствува „судската“ контрола од страна на Уставниот суд кој има обврска да ја оценува уставноста на уредбите со законска сила?

Зошто Уставниот суд молчи и покрај бројните сомнежи во уставноста на уредбите?

Во оваа прилика сакам да посочам и на една друга препорака што Венецијанската комисија ја смета за поволна и прифатлива, а е од значење за Македонија.

Станува збор за мислење кое Комисијата го има дадено за уставните одредби на Грузија, а кои се однесуваат на одржувањето на изборите.

Имено, Венецијанската комисија смета дека избори треба да се организираат дури по истекот на 60 дена од денот кога престанала вонредната состојба затоа што „изборите бараат мирна политичка атмосфера и целосно почитување на сите слободи и човекови права, како предуслов за целосно гарантирање на јавниот поредок и јавната безбадност“.

Впрочем, и нашиот Устав го утврдува рокот од 60 дена за одржување на изборите, но сведоци сме на неуставна уредба донесена од владата со која „се запираат“ изборните дејствија до престанокот на вонредната состојба, со барање ДИК да ги продолжи веднаш по престанокот на вонредната состојба, нешто што е спорно, незаконски и неуставно.

ДИК е орган задолжен да ги организира и спроведе изборите, но тој не може да ги продолжи изборните дејствија без утврден нов изборен ден, а изборниот ден не може да го утврди ниту владата, ниту ДИК.

Новиот изборен роковник на ДИК мора да се направи врз основа на новиот изборен ден, а таков не е утврден.

Претходна статијаКристијан – главниот советник на Ангела Меркел знае како со коронавирусот
Следна статија(ВИДЕО) Македонецот Борко е меѓу првите кој прими тест вакцина против Корона