Филипче и Спасовски со најави кога ќе започне да се враќа животот во нормала: После бурата доаѓа сонце

0

Министерот за здравство Венко Филипче, на видео конференцијата организирана од Владата на тема: „КОВИД-19 Прашања и одговори: ретроспектива – коронавирус МК“, рече дека овие мерки се тешки, но мора да се издржат за доброто на јавното здравје.

„Сакам да им соопштам на граѓаните дека после бурата доаѓа сонце. Јасно е дека после ова ќе се смени целокупниот живот на секој од нас, на сите институции… Кога ќе попуштаат мерките, маркетите, рестораните и кафулињата ќе работат на дистанца, со внимание.

Нема да биде исто, но дури сега гледаме дека мерките кои ги воведовме даваат и ќе даваат резултат на среднорочен и долгорочен план. Верувам дека сите граѓани се свесни со што се бориме, и дека мора да се издржи овој период за да го сочуваме она што ни е приоритет на сите нас, а тоа е здравјето“, рече Филипче.

Сите мерки што ги преземавме во борбата против корона вирусот беа навремени и очекуваме да дадат резултат на почетокот на мај, кога бројот на заболени ќе опаѓа и ќе можеме да ги олабавуваме мерките, истакна предмалку министерот за здравство Венко Филипче на владината онлајн прес-конференција.

Сите препораки ги црпевме од стручни луѓе со многу знаење и искуство, кои биле вклучени во справување со епидемијата со морбили, птичји грип итн.

Треба да се консолидираме, да ги организираме институциите во заедничка работа, мултидисциплинарниот пристап бара многу време и енергија.

После идентификувањето на првиот заболен пациент во јануари, се одредија јавноздравствените установи, се направи анализа на кревети, респираторни машини, анализа на терапијата. Се уште во светот нема одредено универзална терапија за пациентите – рече Филипче.

Тој додаде дека била донесена одлука да се постави мобилна болница за да се зголеми капацитетот на инфективната клиника на брз начин, се одредил систем на ротација на медицинските работници, се организирале производствените капацитети со физичка дистанца, се донеле забрани за движење и раздвојување на двете ризични категории за трансмисија на болеста и за нејзино третирање – младите и старите.

-Сите првични мерки и подоцнежните надградени мерки не донесе до ситуација да имаме линеарен пораст на пациенти, а не да се дуплира овој пораст секој ден и да колабрира здравствениот систем, како што се случи во Италија и Шпанија. Сите мерки ни овозможија да имаме број на пациенти кој може да се прими во болниците и да се третираат. Инаку, се уште има слободен капацитет за нови пациенти – истакна Филипче.

Правиме сериозен план, како и на кој начин после 1 Мај да почнеме да олеснуваме некои од мерките, кои ќе бидат во функција на враќање во нормализација на животот, рече пред малку техничкиот премиер Оливер Спасовски на онлајн стрим на прес-видеосесија, на тема „Ретроспектива: коронавирус МК“.

Во сесијата освен Спасовски учествуваат и заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за здравство, Венко Филипче.

– Пандемијата ни го промени животот. Бројот на заразени е она што беше и наше очекување кое имавме за во овој период. Ни беше битно да создадеме услови за работење на здравствените работници. Сметавме дека мерките за физичко дистанцирање даваат резултати, затоа и имаше одлуки за неработење на училиштата, градинките, многу компании не работеа, вклучително и оние во угостителството, туризмот.

Тоа беше неопходно. Сите ќе поднесеме дел од товарот од оваа криза. Ова не е време за било каков профит, сите треба да бидеме насочени кон успешно справување со оваа состојба. Правиме сериозен план, по 1 Мај да почнеме по малку да ги олеснуваме некои од мерките, кои ќе бидат во функција на враќање на животот во нормала – рече Спасовски.

Претходна статијаИталија се воодушевува на потегот на двајцата браќа од Македонија – за Велигден донирале илјадници ручеци
Следна статијаСашо Тасевски: Се научиле да сатанизираат све живо што зборува онака како што не им одговара