Оставањето на Италија на цедило би значело крај на Европа, предупреди францускиот министер за финансии, Бруно Ле Мер во изјава за виенскиот весник „Прес“.
Франција смета дека постоењето на ЕУ е загрозено во борбата за договор околу помошта за справувањето со коронавирусот.
„Ние не сакаме да исчезне европскиот проект. Не сакаме да експлодира еврозоната“, рече Ле Мер.
Тој им укажа на скептичните земји како Австрија дека трошоците за обнова не треба да се потценуваат.
Министерот посочи дека предлогот на Париз не се однесува на европска еврообврзница, туку на фонд за обнова, кој би бил финансиран преку заедничко задолжување на земјите-членки на ЕУ.
Тој објасни дека не станува збор за преземање стари долгови, туку задолжување за идните задачи, на ограничено време, на пет години, на пример. Ова, рече тој, е поповолно од финансирањето преку буџетот на ЕУ, бидејќи отплатите на долговите можат да се договорат на подолг временски период.
Италија синоќа соопшти дека бројот на жртви од Ковид-19 во рок од 24 часа бил 2.563. Тоа е рекорд од почетокот на пандемијата во земјата во која од вирусот починаа речиси 23.000 луѓе.
– Ова е најголем број оздравени лица откако почна кризата, рече Анџело Борели, шеф на службата за цивилна заштита, додавајќи дека смртните случаи за последниот ден биле 575.
Во Италија имаа 107.000 регистрирани пациенти вчера, што е за 355 повеќе од претходниот ден. Во некои региони, како Торино, Неапол и Рим, овој број паѓа.
Друг петочен рекорд во Италија е оној со бројот на тестови извршени од здравствените услуги, кои беа над 65.000 за 24 часа. Нешто повеќе од пет проценти од нив беа позитивни.
– Ова е уште еден показател за ефективноста на мерките за изолација преземени за ограничување на заразата, рече Франко Локатели, шеф на Високиот совет за здравство.
Тој на прес-конференција синоќа изјави дека имало 4.068 лица на интензивна нега на 3 април, а последните бројки се за нешто повеќе од 2.800.
Анџело Борели беше задоволен што притисокот врз болниците веќе е олеснет. Тој истакна дека ова дава претстава за огромната работа направена во болниците и соработката на граѓаните.
Како одговор на променливата состојба, брифинзите за епидемијата веќе нема да бидат секој ден, туку во понеделник и четврток. Резимеата на тековните податоци ќе бидат објавени секој ден на веб-страницата на Службата за цивилна заштита.
Повеќе од 10 проценти од заразените лица со новиот коронавирус во Италија се здравствени работници. Две третини од нив се жени