Венко Филипче информираше дека 31.245 лица за само еден ден ја инсталирале апликацијата #StopKorona! Голема благодарност до сите граѓани кои помагаат во спречување на ширењето на коронавирусот.
Министерот за здравство, Венко Филипче денес ги соопшти најновите информации поврзани со нови случаи поврзани со корона вирусот.
Денеска се регистрирани 12 оздравени пациенти од Скопје кои се лекуваа во домашни услови, а кои по два контролни теста се негативни на коронавирусот.
Во изминатите 24 часа се потврдени 66 нови случаи на Ковид-19. По градови: Скопје-10, Куманово-27, Штип-3, Прилеп-4, Тетово-5, Струга-4, Велес-2, Охрид-5, Гостивар-1, Кочани-3 и Неготино-2
Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во нашата земја изнесува 974 лица. Во изминатото деноноќие направени се 500 теста.
За пациентка која пред два дена почина во ГОБ „8 септември“ денеска е пристигнат резултат на брис кој покажал присуство на Ковид-19. Пациентката на возраст од 76 години, од Скопје, била хоспитализирана во болницата со симптомите на вирусот.
Согласно конечната потврда за присуство на Ковид-19, овој случај ќе биде евидентиран во денешната статистика на Институтот за јавно здравје.
Едно лице кое во вчерашната статистика беше евидентирано во Куманово, по завршување на епидемиолошката анкета е утврдено дека е жител на Крива Паланка и согласно тоа е адаптиран денешниот извештај.