Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека во изминатите 24 часа се регистрирани 49 нови случаи на Ковид-19. По градови: Скопје 13, Куманово 14, Штип 6, Прилеп 8, Велес 6, Гостивар 1 и Кочани 1.
Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во нашата земја изнесува 760 лица. Во изминатото деноноќие направени се 586 теста, а досега во земјата се направени 7.653 тестирања на Ковид-19. Двајца пациенти од Куманово и Прилеп починаа од коронавирус.
Во изминатото деноноќие на Клиниката се примени 3 пациенти, а во моментов се хоспитализирани вкупно 68, од кои 15 се на кислородна поддршка и 8 на механичка вентилација.
Во болницата „8 септември“ се примени 8 нови пациенти, а вкупно се хоспитализирани 28 потврдени и сомнителни на коронавирус. Од нив, 9 се со потешка клиничка слика, а 6 пациенти се на респираторна машина.
Во болницата во Битола се хоспитализирани вкупно 5 пациенти, еден пациент повремено на кислородна поддршка, а другите стабилни. На домашно лекување преку оваа болница се следат 7 пациенти кои се во добра општа состојба.
Во болницата во Штип се хоспитализирани вкупно 13 пациенти потврдени и сомнителни на коронавирус, а уште 13 се следат на домашно лекување. Освен една пациентка кај која има влошување на состојбата, сите останати пациенти се стабилни.
Денеска нема да ја одржиме редовната прес-конференција. Одделението за односи со јавноста во Министерството ќе одговори на сите поставени прашања од страна на медиумите.
Подоцна, Венко Филипче преку социјалните мрежи повторно се огласи и кажа:
Игор Јанушев, исто како и Мицкоски се обидува да ја изманипулира јавноста. Минатиот пат Мицкоски свесно манипулираше дека нема тестови, а овој пат лагата е дека нема заштитна опрема за медицинскиот персонал.
Одговорно тврдам дека ништо не недостасува, а има и доволни количини во резерва.
Минатата недела е направена инспекциска контрола во 79 здравствени установи од страна на Државниот здравствен и санитарен инспекторат и во ниедна не е забележан недостиг на опрема.
Дополнително, во тек е набавка за дополнување на резервите за што е распишана покана за јавна набавка објавена на веб-страницата на Министерството за здравство и тоа за: 12.000 маски N95 или сличен стандард, 20.000 скафандери, 500.000 хируршки маски, 5.000 визири и 1.200 гумени скафандери.
Не ја разбирам потребата постојано да се лаже и манипулира јавноста на тема која и онака ги држи граѓаните во страв и неизвесност. Ова однесување на опозицијата не носи добро никому и многу одмага во борбата со коронавирусот.