Министерот Венко Филипче ја соопшти ситуацијата на пациентите во Клиника и во болницата „8-ми Септември“.
„На Клиниката на Инфективни болести после два негативни се испишани тројца оздравени пацинти, а на клиниката се примени двајца нови пациенти. Сега таму се 66 пациенти, од кои 8 во тешка на механичка вентилација.
Во болницата „8-ми Септември“ има хоспитализирано 21 пациент, од кои 6 се на респираторна машина“, изјави Филипче.
И лидерот на СДСМ, Зоран Заев, е негативен на тестот за коронавирус, потврди на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Нему му е препишана самоизолација во времетраење од една недела.
-Се продолжува согласно стандардните препораки што важат за сите. А тоа е дека препишана е дополнителна самоизолација во времетраење од една недела од денешниот имајќи го предвид вкупниот период за инкубација од две недели, односно, првичниот контакт со заболениот, рече Филипче.
Министерот Венко Филипче ги коментираше нападите од социјалните мрежи за брзината на тестирање на лидерите на политичките партии.
„Сакам да дадам после оние коментари за јавноста, во однос на брзината на тестирањето со која пристапивме кон лидерите на политичките партии.
Тие секојдневно имаат интензивни контакти, со многу луѓе, со претставници на институции. Претседателот на СДСМ Заев има средби и со министри, и сакам да кажам дека не станува збор за политички приоритети, туку поради зачувување на здравјето на сите оние кои биле во контакти со нив.
Тоа се луѓе кои имаат интензивни контакти со медиумите, кои се наши најсериозни партнери и една од целите беше да се заштитат и медиумите каде што двајцата лидери секојдневно настапуваат“, рече Филипче кој претходно рече дека нема ризик за сите оние кои биле во контакт со двајцата лидери на најголемите партии поради тоа што имаат негативни тестови.
Лидерите ќе бидат во самоизолација уште седум дена од денеска, со оглед дека веќе минале седум дена од последниот контакт со новинарот, рече Филипче.