СЗО, ОН и Светската трговска организација деновиве предупредија дека постои ризик од недостиг на храна во светот како резултат на влијанието на вирусот.
Луѓето во Македонија не треба да бидат загрижени дека ќе нема храна, велат професори од Земјоделскиот факултет.
Во време на светска пандемија граѓаните не треба да стравуваат дека ќе останат гладни. Храна има доволно, вели универзитетскиот професор Илија Каров, откако деновиве почна да се шири загриженост дека некои влади би можеле да го ограничат извозот на храна за да се осигураат дека нивното население ќе ја има доволно.
Професор Каров истакнува дека ако временските услови продолжат да бидат наклонети како што се во изминатите денови, граѓаните нема да имаат празна трпеза.
“Во овој момент рано е да се даваат црни прогнози дека ќе се соочиме со недостиг на храна. Земјоделците си ја работат својата работа, се трудат да посејат што имаат на располагање.
Ако временските услови се наклонети кака што се сега, не треба да постои недостиг на храна. Во некои региони кај нас има вишоци на производи кои може да бидат извезувани, на пример има вишок на градинарски производи и во лозарството и не треба да стравуваме дека ќе има недостиг од храна”, вели Каров.
Тој дополнува дека земјоделците се излезени на полињата, ги извршуваат своите активности и ги подготвуваат површините за пролетни култури.
Од увоз Македонија е зависна само од сточна храна, односно од пченица и пченка кои во најголем дел се набавуваат од Србија. Во преработувачката индустрија пак, земјава извезува производи од зеленчуци, но и кондиторски производи.
До коментарот на професор Каров доаѓа откако Светската здравствена организација, Обединетите нации и Светската трговска организација деновиве предупредија дека постои ризик од недостиг на храна во светот како резултат на влијанието на вирусот врз светската трговија и синџирите на снабдување.
„Несигурноста околу достапноста на храна може да предизвика ограничувања на извозот, што може да создаде недостиг на светскиот пазар”, се наведува во заедничкото соопштение на трите организации.
Целата сторија проследете ја на Радио Слободна Европа.