Неколку искуства, анализи и идеи
Како човек кој беше повеќе години во Македонија премиер, министер за финасии, министер за трговија, претседател на КХВ, пратеник, како и советник на Министерството за финасии на Србија, со работни искуство во банкарството и пазарите на капитал, но пред се како економист и доктор на науки во макроекономска област во која меѓу другото посебно ги истражував меѓународните текови на различни видови капитал во мирни но и во времиња на светски, регионални и национални финасиски и економски кризи, би сакал да дадам мое мислење, анализа и неколку идеи поврзани со ситуацијата во која е Македонија а пред се во економската област и можните следни чекори.
Се покажа дека вирусот Корона е многу брз а властите во светот се бавни, или барем побавни од вирусот. Згора на кризата од вирусот, се прикачи и кризата од нафтената војна меѓу Русија и Саудиска Арабија и двете кризи се споија во една, заедно со неколку претходно наталожени проблеми во глобалната економија кои и онака веќе 3-4 години најавуваат можна нова светска економска криза.
Повеќето од националните власти ширум светот, некој повеќе некој помалку во почетокот го потценија влијанието и последиците од вирусот Корона – Ковит 19, во секој поглед, тргнувајки од здравствениот аспект, преку социјалниот и психолошкиот, завршувајќи со економскиот.
Македонските власти, исто така. Имаше доцнење речиси во се: од брза набавка но и брза масовна употреба на тестовите за вирусот (долго го чувавме кубурот…), побрза набавка на милиони заштитни маски и ракавици како и средства за дезинфекција или веднаш ставање на домашнито производство во таа функција (наместо да чекаме и молиме досега можевме да произведеме и за нас и да им продадеме или подариме и на соседите во услови кога и онака текстилни и други фабрики ги губат нарачките па ова ќе им дојдеше како спас), побрза набавка на апарати за вештачко дишење кои за среќа досега не беа нужни, па преку изгубени денови и денови во кои македонската дијаспора од Италија и други држави на доаѓање беше пропуштана без карантин и здравствени прегледи, а македонските граѓани патуваа надвор и се враќаа без ограничувања и карантини за на крај со задоцнето воведување на вонредна состојба.
Кина снабдува многу држави во и вон ЕУ со заштитни маски па додека да се креира домашно производство добро е освен добиената скорешна помош да се направи итна набавка од нив. Србија веќе издејствува купување 2 милиони маски од Кина.
Да, повеќе се збореше помалку имаше брза реализација. Но, да го оставиме тоа, не е сега време за критики. Целта на текстот не ми е критиката освен каде што со тоа ќе се помогне. Јас повеќе пати сум бил на линијата на фронтот во големи кризи и знам дека сега не е време за критики туку за помош…
Во вакви ситуации не е толку спорно дека се ќе се направи. Но, клучно е кога ќе се направи. Од тоа зависи колку животи ќе се спасат, колку заразени ќе има, колкави ќе се штетите. Посебно ако си “мал”. Тогаш треба да си многу брз и мудар.
Важно е сега пропуштеното колку што е можно поитно да се надокнади. Имаме празни касарни, празни студентски и училишни домови кои може привремено да се користат како карантин, а се понудија и некои сопственици на хотели бесплатно да ги остапат. Јас би рекол дека за мала надокнада ширум Македонија сите или голем број хотели може да се искористат за таа намена затоа што и онака се празни, па така и ќе им се помогне да опстанат, да не затворат целосно.
Имаме прогласено вонредна состојба која може до максимум да го ограничи односно забрани движењето на повозрасните и болни лица кои со помош на армијата и на волонтерски групи контролирани и организирани од владата ќе ги снабдува со приготвена храна и лекови во домовите секој ден доколку немаат друг начин како да го обезбедат тоа (тоа ќе е и можност ресторантите да добијат малку работа барем колку да го платат персоналот и да ги покријат трошоците за да опстојат).
Од друга страна помладите и здравите да се заштитат со маски, ракавици за да можат да одат редовно на работа за да не дојде до целосен колапс на економијата и банкротирање на многу фирми.
Влезот во јавен превоз треба да е дозволен исклучиво со маски и ракавици а дезинфекцијата да е на секој час. Маските, ракавиците и дезинфекциските средства треба итно со преадаптирање на домашното производство да ги набави државата и бесплатно да ги дели во автобусите, домовите, работните места …
Во вакви кризни ситуации, потребни се молневити, крупни и радикални мерки. Ако си бавен па дури и перфектен во чекорите, ја губиш битката. Дури и нешто да згрешиш, по важно е да си брз. Најголемата грешка е бавноста и доцнењето.
Треба брза реакција и веднаш да си зад петици на вирусот. Да го запреш ширењето. Да си пред него. Да ја активираш заедницата, граѓаните, да направиш брза и добра координација и кохерентност со другите сектори.
Треба исто така да сме свесни дека бројот на заболени, не само кај нас туку и во повеќето земји е најмалку 10 до 15 пати поголем од официјалните бројки, од причина што многу кои се помлади и здрави, 80% не го пријавуваат тоа или дури не се ни свесни затоа што лесно го поминуваат со мали или никакви симптоми, но сите тие се преносници и заразуваат други кои може потешко да поминат.
Вистинска штета е што владата кога веќе не ги искористи за ваков вид цели средствата од фондот за иновации, веднаш не стимулираше и не помогна пронаоѓање на вакцина од нашите научни институти. Покрај големите и богати држави и земји од источна Европа го прават тоа, како на пример Унгарија и Србија. Еден од научните институти на Унгарија веќе пред неколку дена успеа да го издвои вирусот само неколку дена одкако тоа го направи Канада, а тоа е предуслов за создавање вакцина. Ова не само заради финансиски причини туку и заради брзината на добивање на вакцината, бидејќи тогаш кога ќе излезе вакцина, ќе поминат месеци додека Македонија дојде на ред да ја купи потребната количина за своите граѓани. Мислам дека иако доцниме сеуште е корисно да се започне ова, особено по претпоставките на дел од научниците дека над 50% од луѓето ќе се заразат.
Несомнено дека кога станува збор дури и за не заразените потребно е сериозно ограничување на движењето вон работните активности и најнеопходните други активности(набавка на намирници и сл), сакате тоа наречете го полициски час или како сакате. Полициски час воведоа Чешка, Австрија, Италија, Шпанија и други.
Како човек кој бил на високи одговорности во време на една воена криза во 2001 година и премиер во време на една светска финасиска криза, една европска должничка криза, една епидемија на свински грип, најголемата политичка криза во земјата како и неколку национални или регионални кризи во време на екстремни поплави, пожари и слично, сакам да предупредам дека засега сериозно се доцни во превземање на брзи, крупни и радикални мерки во делот на економијата.
1.Единствена покрупна мерка што досега ја слушнав од Македонија е најавата на централната банка дека ќе им овозможи со промена на регулативата за банките, да се одложи враќањето на тоа новата на кредитите, но мерката е за многу краток рок од три месеци. Сметам дека треба веднаш да се продолжи до крајот на годината за да може компаниите да го планираат тоа. Прво затоа што се чини дека пандемијата ќе трае подолго и второ, дури и да трае три месеци, компаниите ќе бидат така погодени и исцрпени од целиот овој потрес што ќе им треба период на опоравување пред да продолжат да ги враќаат кредитите. Тоа ќе помогне особено кај дел од нив што помалку работници да испуштат од работа.
Оваа мерка треба да важи и за граѓаните кои земале кредит, најмалку пет до шест месеци. Банките во овој период ќе опстојат од каматите, а за оние фирми и граѓани кои не се во можност да ги сервисираат каматите потребен е специјален државен фонд со јасно утврдени критериуми каде државата би помогнала. Овој дел со каматите треба да е исклучок за најзагрозените.
2.Одлагање на даночните обврски на сите кои работат со загуба и се сериозно погодени од кризата. За оваа цел е потребна изработка на јасни и транспарентни критериуми, за да се помогне само на оние компании на кои им е најнеопходна оваа мерка, најпогодените. Идејата на владата за повик на компаниите кои работат со добивка да платат дел од обврските однапред е исправна за една ваква кризна ситуација. Таа треба да се преточи во норма.
3.Свртување кон домашната економија. Домашните компании ги губат пазарите надвор за време на кризата. Државата треба привремено да ги измени законските правила за време на кризата и при сите набавки на државните институции за што и да е, приоритет со закон да добијат македонските производни компании и даватели на услуги.
Дали станува збор за набавка на храна, лекови, превоз, облека, обувки, или било што друго што е барем приближно конкурентно во квалитетот со странските треба со закон да добие предност. Граѓаните треба да го следат тоа при нивните лични набавки и да се потсетат на кампањата “Купувајте македонски производи”-за наше добро.
На овој начин, барем делумно ќе се помогне на македонските фирми да преживеат во ова време на тешка криза.
4.Погледнете што прави ЕУ и другите. Во време на криза сите претходни правила ги прекршија и суспендираа, затоа што мораат така. Времено забранија извоз на медицинска опрема, лекови и медицински матерјал од ЕУ, целосно го судпендираа шенгенот и забранија влез за граѓани кои не се од ЕУ. Криза е и борба за опстанок.
Сите држави вбризгуваат пари во економиите за разни цели. САД вбризгува еден трилион или илјада милиарди долари од кои една четвртина ги дели преку чекови на милиони американци. Се зборува за можно покривање на двонеделна плата и дека без силно покривање стапката на невработеност во САД може да отиде над 20%(сега е 3,5%). Британија 400 милијарди долари, Франција 50 милијарди долари а Италија и Шпанија како по задолжени земји се повнимателни. Италијанската влада најави 25 милијарди евра кои вклучуваат додатни средства за здравството, заштита и суспензија на плаќање даноци и олеснување на потешкотиите на загрозените компании и домаќинства.
Шпанија најави 200 милијарди евра подршка вклучувајќи ги и приватните фондовите кои владата сака да ги мобилизира, но само 17 милијарди ќе бидат директна подршка. Германија како најголема во ЕУ најави најголеми мерки каде нивни официјални лица рекоа дека владата би можела да обезбеди потенцијално неограничено финасирање на погодените компании, вклучувајќи ги и мерките кои и помогнаа на таа земја пред 10 години кога со многу мали последици ја помина тогашната финансиска криза. Планот на Берлин е 550 милијарди евра во заеми и гаранции на заеми за компаниите, иако владата нагласи дека нема ограничување на финансиската помош. Кина ги намали каматните стапки исто како и повеќето земји, воведувајќи низа мерки вклучително и даночни олеснувања и поголеми фискални трансфери кон погодените региони. Хонг Конг на секој постојан резидент му дава по 1.280 американски долари. Министрите за финасии на ЕУ во понеделникот рекоа дека веќе најавените планови за фискални стимулации изнесуваат 1% од БДП предвиден за 2020, а подршката на ликвидноста преку гаранции на владата и одложеното плаќање данок чини најмалку 10% од БДП на ЕУ. Истите на почетокот на финасиската криза во 2008 испумпаа 200 милијарди евра во економијата, што би било околу 1,5% од БДП.
Европската централна банка(ЕЦБ) најави во средата 750 милијарди до крајот на годината за да ги смират пазарите.Целта е откуп на обврзници на државите од приватниот сектор за да ги намали трошоците на позајмување. Кризата во 2010-2012 се смири со слично ветување на ЕЦБ дека ќе купува обврзници од земјите во проблем. Новиот програм има сериозна разлика бидејќи не бара членките да се сложат за ограничена потрошувачка. ЕЦБ веќе има стимулирање со негативна камата на депозитите од комерцијалните банки и 20 милијарди евра за обврзници.
Се разбира ние како мала економија со ограничени можности неможеме да зборуваме за вакви износи но во еден соодветен обем прилагоден за македонската економија и држава секако дека треба да се интервенира и да се помогне на загрозените компании и граѓани да го преживеат овој период.
Финасиските стимули државата може да ги даде во разни форми, вклучувајќи и грантови за времено кофинасирање на плати, но под строго утврдени критериуми и сериозен јавен, институционален и опозициски надѕор во дистрибуцијата на средствата и исправноста на одлуките.
Словенија пред неколку дена доби нова влада предводена од Јанша а веќе вчера воведоа мерка за 40% владата да покрива од трошоците за плати (на 80% од платата) за оние фирми кои заради Корона вирусот неможат да обезбедат доволно пари за плата.
Во тој контекст, во контекст на довербата и спречувањето злоупотреби, барањето на опозицијата за формирање надзорно тело каде нивни преставници ќе партиципираат и ќе имаат комплетен увид на се е оправдано и рационално, би рекол корисно и за власта.
Во вакви кризни ситуации не ретко се прибегнува и кон широки влади независно како ќе се наречат каде сите поголеми партии се вклучени, па така наместо енергијата да ја насочуваат едни кон други во еден краток период на криза од неколку месеци превземаат одговорност и енергијата ја здружуваат во интерес на државата и народот а имаат при тоа и целосна меѓусебна контрола во користењето на огромни средства во многу краток период под прилично не стандардни услови и околности. Така беше и во 2001 година. Но, сепак тоа е работа на раководствата на партиите како ќе одлучат да соработуваат.
5.За овие цели државата мора да се задолжи итно за да ја финасира кризата во секој поглед. Буџетот мора да е ликвиден. Буџетскиот дефицит сериозно ќе порасне, девизните резерви ќе се намалат. Дефицитот на буџетот ќе се враќа во нормала кога ќе помине кризата. Ќе се вратат и долговите а ќе пораснат пак и девизните резерви.
Но треба да преживеат тие кои треба да ги враќаат долговите, а освен луѓето тоа се фирмите, економијата.
Буџетот треба итно да се прекрои. Да се скратат сите трошоци кои не се итни и неодложни а парите да се пренаменат за итните трошоци поврзани со кризата.
Унгарија на пример веќе објави дека ќе ги прекине обврзниците за бебиња, ги прекинува и студентските кредити и парите ги пренасочува за борба против вирусот и за економијата и другите итни потреби и штети. Човечките животи се поважни од се. Тие исто така им забранија на студентите по медицина да ја напуштаат земјата, побараа од нив да мируваат, бидејќи во ваква ситуација се сметаат за дел од здравствената работна сила. Иако Унгарија засега е меѓу најмалку заразените земји во Европа од некои познати научници во Унгарија се цени дека ова е само почеток на пандемијата и дека треба да се подготвуваат за многу потешки сценарија.
Постојат повеќе можни извори на финасирање кои и стојат на располагање на македонската влада. Веројатно меѓу најевтините се оние на ММФ за итно финансирање од ММФ (т.н.Emergency financing преку The Rapid Credit Facility (RCF) или Rapid Financing Instrument (RFI)).
По потреба може да се издаде и обврзница, позајмици од големи комерцијални банки во светот, а секако кредитните линии на Светската банка, ЕБРД и ЕИБ не треба да се заборават. Но и заеми од големи држави и нивни државни банки треба да се на листата.
Дел од гореспоменатите даваат кредити каде гарантира државата а ги користи приватниот сектор и треба да се субвенционирана камата од страна на државата односно да бидат безкаматни за фирмите. Најавата на Министерството за финасии за 5, 6 или дури и 50 милиони евра повлекување ваков кредит од ЕИБ што го објави вчера е ништо за македонската економија.
Владата која ја предводев искористи многу поголем потенцијал на ваквите кредити во време на кризата и тука не треба да се размислува за помалку од 400-500 милиони евра во период од една до две години, распределени административно преку банката за развој но суштински и со превземање на ризикот преку комерцијалните банки, а наменети за тековна ликвидност, финасирање на производство и инвестиции.
Со обзир дека изворите на финасирање на комерцијакните банки во Македонија се поскапи, ќе биде корисно ако се даде можност за рефинансирање на овие стари кредити со нови безкаматни од новите кредитни линии.
ЕУ додели многу средства за земјите членки и објави дека размислува како му помогне на Западниот Балкан. Многу е важно во тоа размислување владата да се вклучи и активно да предлага, да презентира програми и да се обиде да извлече поголема помош. Ако не се вклучи ќе остане само на нивна воља и замисла.
Неодамна ЕУ на донаторска конференција додели над една милијарда евра за санирање на земјотресот во Драч чија проценка на штета од владата на Албанија беше 950 милиони евра. Значи добија повеќе од вредноста на целата штета од земјотресот. Но, имаа силна фаза на лобирање и роуд шоу низ повеќе главни градови по тој повод. А очекуваа само 300 милиони евра. ЕУ покажа дека знае сериозно да помогне и на земји кои не се членки. Треба да се искористи тоа а не само да се бара веќе доделените 50 милиони евра како награда да се пренаменат за кризата.
Во времиња на криза, можеби не толку на краток рок но на среден рок многу ќе помогнат јавни работи на крупни инфраструктурни и други проекти. Тие силно ќе го стимулираат градежништвото и домашните градежни фирми а тоа пак уште 26 други индустриски гранки поврзани со него, и важно е да не е само ниско градба туку и високо градба вклучувајќи и енергетски проекти.
Претходната власт остави многу вакви спремни проекти кои актуелната влада ги суспендира, по мое мислење затоа што беа од нас подготвени па некако сакаше ништо да не се поврзува со претходната власт. Но сега не е време за такви работи и треба да извлечат нешто готово и спремно и да тргнат. Дали тоа ќе биде експресениот пат со четири ленти од Ранковце кон Бугарија, или експресниот пат Охрид-Пештани или автопатот Гостивар Кичево или некој енергетски проект, водоводи, канализации итн изборот нека го направат самите, но им требаат готови проекти на кои годинава ќе почнат градба.
Таквите проекти ќе апсорбираат голема работна сила и долгорочно ќе бидат корисни за економијата и граѓаните. Се разбира и актуелните проекти, кои наводно ги продолжија од тоа што го оставивме, треба да добијат сериозна динамика: Кочани-Штип, Штип -Радовиш, Градско-Прилеп, Клиничкиот центар за кој и проект и кредит се обезбеди, ХЕ Чебрен и Галиште, ХЕ Бошков мост, ХЕ Речица во Тетовско, една таква кај Гевгелија (Коњско мислам се викаше), иста таква кај Кочани итн. За сите овие има спремни проекти. Ние сме ги направиле проектите, тие нека ја почнат градбата,трети ќе ја продолжат и завршат. Така оди тоа…
6.Фирмите наскоро ќе влезат во масовни отпуштања доколку нема кој да им помогне. Дел од нив ќе затворат и ќе ги отпуштат вработените. Поголемите и посилни фирми погодени од кризата од Корона вирусот, можеби ќе им плаќаат барем дел од платата и ќе издржат некое време, но помалите, дооел фирмите, дуќани, казина, малите бизниси, и слични, тие немаат ликвидносни ниту капитални резерви ни за месец-два да покриваат плати на вработени ако немаат работа и приходи и тие за да преживеат ќе мора да отпуштаат.
Низ Европа и Америка запреа со работа на две или повеќе недели речиси сите автомобилски фабрики: Ауди, БМВ, Фолсфаген, Пежо, Рено, Форд, Тојота, Цитроен, Опел, Крајслер, Нисан, Ферари и многу други. Производството на автомобили како индустрија во Европа вработува 14 милиони луѓе.
Овие времени затворања ги направија од повеќе причини меѓу кои најважни се драстичното намалување на продажба на автомобили заради кризата предизвикана од вирусот, заштита на своите вработени од зараза но и други претходни проблеми.
Потрошувачката воопшто е силно падната во цел свет и тоа дополнител фактор кој влече во рецесија.
Исто така пред два дена во Америка а и низ Европа прекинаа со работа и малопродажба најголемите ланци за продажба на облека и обувки како Мејсис, Нордстром, Х и М, Ралф Лорен, Адидас, Наик, Фудлокер, Геп, Леви Штраус, Келвин Клајн и многу други. Ова значи дека и нашите текстилни фирми кои се нивни лон произведувачи или добавувачи во голема мерка ќе ја загубат работата.
Логично е да се очекува дека и снабдувачи на делови за автомобили ќе ги изгубат нарачките и ќе мораат да запрат со работа или значајно да го намалат производството и вработените. Идустријата за производство на делови за автомобили во Македонија одкако почнавме да носиме странски инвестиции стана убедливо најголем извозник.
Индистријата за челик и други метални производи исто така ќе забави сериозно, делумно заради автомобилската индустрија а делумно заради забавувањето на други стопански гранки како градежништвото на пример во глобални рамки.
Тоа значи дека ако пандемијата потрае, освен зголемување на невработеноста Македонија ќе се соочи и со драстично намалување на извозот што значи и на девизните приливи. Секако ќе бидат намалени и девизните одливи по многу основи(увоз на репроматеријали, луксузни и други стоки кои во кризата нема никој да ги купува) но особено ако пандемијата потрае може да дојде до притисок на девизниот пазар. Според изјавите на Народната банка сега се е во ред и стабилноста на курсот е цврста. Банките се ликвидни. Ако пандемијата брзо се победи, веројатно така и ќе остане.
Но ако пандемијата трае подолго а реакциите на властите се бавни можеби централната банка и владата ќе бидат принудени да воведат нови политики. Некои земји особено оние кои имаат политика на пофлексибилен режим на девизниот курс тоа го прават веднаш.
На пример Унгарија не премина кон еврото и тоа и овозможува во услови на криза дел од амортизирањето на кризата да го менаџира и со флексибилноста на валутата. Пред 10 тина дена, 1 евро чинеше 330 форинти, а веќе вчера беше 357 форинти. Тоа е главната предност што ја имаат националните економии и централни банки кои имаат своја валута, тие имаат инструмент плус за менаџирање на кризи.
Всушност повеќето земји во тешки кризи го користеле тој инструмент. Кога економијата драматично паѓа тоа неможе да не се почуствува кај сите.
Сепак, знаејќи дека во Македонија ова прашање е многу чувствително, верувам дека централната банка со сите сили ќе го брани курсот и цените во ситуација на продолжена и слабо менаџирана криза. Ако властите се брзи во спроведувањето на другите мерки кои ги споменав, ќе има услови да се избегне тоа, а ќе се избегнат и други негативни ефекти како кратења плати во економијата и масовни отпуштања од работа, зголемени или нови даноци итн.
Доколку многу подолго трае пандемијата и кризата, а властите несоодветно реагираат, Централната банка во таква екстремна ситуација, можеби ќе мора да биде принудена на квантитативни емисии, изразени во една или друга форма, но и тоа има своја цена и свои граници, после кои може да се влезе во сериозна инфлаторна спирала и енормно внатрешно задолжување.
7.Владата треба да обезбеди подршка на фирмите во криза погодени од последиците Корона вирусот. Неколку мерки, 5 или 6 веќе се објавија. Тие се исправни, но тие се многу мали, слаби, бледи и до израз доаѓа неискуството на владиниот тим за вакви кризни ситуации. За воља на вистината тие кажаа дека ова е само почеток, но ќе беше добар почеток да започнеа со повеќе и покрупни мерки за подршка на економијата.
За почеток може да ги погледнат антикризните мерки превземени од владата која ја предводев во време на светската финансиска и европската должничка криза.
Тогаш предначевме во Европа по квалитет и квантитет на антикризни мерки и по нивна ефикасност, а во најкризната 2009 година извлековме трет најдобар резултат на економијата во Европа. Станува збор за над 400 мерки и политики кои подоцна многу влади во Европа ги превземаа не криејќи дека ги превземаат од Македонија. Дел од нив по завршување на кризата ги укинавме но дел ги оставивме како трајни. Голем дел од укинатите можат да се превземат и сега, а со тоа да се помогне на приватниот сектор да преживее, но и како подршка на работниците кои ќе останат без работа.
Нема да ги наведувам сите но ќе спомнам една од тие мерки која подоцна ја укинавме, а тоа беше ослободување од данок на добивка на фирмите кои нема да ја распределат во дивиденда. Треба да се помогне и на оние кои со успех ќе поминат во овој период и да се охрабрат, да не се заборави дека тие “ја носат” економијата и во добро и во тешко време, а тие сигурно во најголем број ќе реинвестираат и со тоа ќе отворат нови работни места.
Но да не одам по ред со сите мерки, владата и стопанските комори ги имаат и ги знаат тие мерки кои многу помогнаа.
Но, оваа криза има свои специфики и неможе да се решава само со истите мерки од тогаш. Потребни се и други, различни….Има уште многу да се пишува за ова, но тука ќе завршам со надеж дека текстот барем малку ќе е од полза во натамошните размислувања и чекори.