Дац: Ако некој случајно заѕвони на врата, сите се укопуваме во место

0

Глумецот Драган Спасов Дац се огласи на социјалните мрежи со уникатен коментар за цела актуелна ситуација околу Корона вирусот.

Како си, како се справувате со кризата?

-Па како да ти кажам… секој седи во своја соба а кога ќе се сретнеме, внимаваме што зборуваме, за да не дојде до ескалација на нервозата предизвикана од досада и немоќност. Повеќе молчиме затоа што сме си кажале се за дента, па можеби и за повеќе денови.

Од што ги мијам често рацете и ги мачкам со алкохолен гел, толку ми се станати суви и рапави, што прееска сакав да ја погалам жена ми и ја изгребав. Инаку јадеме како да е криза за храна (за да го зајакнеме имунитетот) па одтаму е јасно зошто има криза на тоалетна хартија. Плус мораме да пиеме и витамини секое утро и после кризава слободно ќе можеме да се бориме во ринг со боксери од највисок ранг.

Од дневна до купатило можам да дојдам во седум големи чекори или во 58 чекорчиња ако одам стопало до стопало, како “пипер-сол”.

Во купатилото многу тешко се снаоѓам од бројните средства за дезинфекција. Се задржувам повеќе од што треба и стварам дополнителна нервоза на единките со кои живеам.

Ако некој случајно заѕвони на врата, сите се укопуваме во место и јас полека одам да ѕирнам низ шпиунката. Жена ми вели да поставиме камери за да можеме убаво да се видиме кога се враќаме од пазарење зашто шифрите со тропање на вратата ги забораваме па додека се разбереме кој доаѓа раце ни паѓаат од брашното што го влечкаме.

На телевизија омилена програма ни се “пресовите” и тогаш сме највнимателни, а не дај боже некој да се закашла… сите како по команда одиме да миеме раце, и правиме гаргара со бетадине. Сите алишта ги исфлекавме од растворот.

Од што го задржувам здивот по 10 секунди (за да се тестирам) почнав така да дишам, па жена ми стално се вади од памет дека имам инфаркт. Не сме излезени од дома и мислам дека уште малку фали да се потепаме кој да фрли ѓубре.

Сега сме на “готовс” затоа што чекаме тим што ќе ни го прска станот со “Озон”, бидејки го потрошивме целиот темјан бркајки бактерии и и вируси.

После ќе се сликаме за да добиеме 100 евра од град Скопје. #СкопјеДома. Инаку сме добро, фала на прашање.

Претходна статијаДокторот Ненад Лазаров: Слушате ли бе луѓе нешто вие -катаклизма ќе ни се деси
Следна статија(ВИДЕО) Селани од штипско: Кај нас Корона нема, ако се појави ќе ја одува нашиот ветер