Димитров: Апелиравме до нашите во дијаспора да не патуваат, а денес многу Македонци поминале граница

0

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во изминатите денови апелираше, особено до нашите во дијаспората да не патуваат и особено да не се враќаат назад во државата, доколку се легални резиденти на државата во која престојуваат.

Овие апели беа поради вирусот, поради кој пак многу држави ги затворија своите граници. Ситуацијата се менува од час во час, рече Димитров, па да не ви се случи да останете на некоја граница.

Но, се чини дека разумните апели не допираат до граѓаните. Министерот во денешен статус соопшти колку нови граѓани денес тргнале на пат:

,,Почитувани граѓани, синоќа апелирав да се воздржиме од патувања во странство. Од вчера на пладне до рано утрово, бројот на македонски граѓани кои заминале од земјата е 1331.

Не сакам да навлегувам во мотивите. Можеби сите овие патувања биле нужни. Но, чувствувам должност да предупредам на алармантната состојба насекаде. Имам впечаток како недоволно да е јасна ситуацијата во регионот, во Европа и во светот.

Државите спуштаат рампи постојано, се затвораат аеродроми, се менуваат граничните режими, се забранува влез на странски државјани, се менуваат правилата на секои неколку часа.

Имаме граѓани по разни аеродроми, со откажани летови, со откажан бординг бидејќи земјата на дестинација одлучила да дозволи влез само за своите државјани. Имаме луѓе со коли во колони во Словенија, во Австрија, во Хрватска …

Пуштаме дипломатски ноти со лични податоци на нашите граѓани врз основа на нивните телефонски разговори со кризниот тим во МНР. Некои конзуларни барања успеваат, некои не. Ние имаме контрола само врз своите, македонските граници. Ние не ги контролираме границите на други држави.

Во услови на ваква огромна глобална криза предизвикана од пандемијата на вирусот, со целосна непредвидливост на дневна основа, ние апсолутно не можеме да гарантираме дека ќе можете да си дојдете дома тогаш кога сте планирале.

Истовремено, секое патување драстично го зголемува ризикот по здравјето не само за вас и за вашето семејство, туку за целата нација. Драги граѓани, повторувам: Не патувајте!”

Претходна статијаВаско Ефтов со провокација до верниците: Слаба ви е верата, иначе би биле спокојни
Следна статија(ВИДЕО) Се огласија лицата кои се во карантин во Пепелиште: Овде нема услови, не сме миени четири дена, ќе премрзнеме