Како последица на прогресивното ширење на корона-вирусот (ковид-19), конзуларното одделение, вклучително и визното во Германската амбасада, се затвора веднаш на неопределено време за нормален проток на посетители. Сите веќе закажани термини ќе бидат автоматски пререгистрирани од страна на Амбасадата за некој подоцнежен термин.
За тие што имаат исклучиво германско државјанство и германски пасош и/или лична карта што ќе станат невалидни во следните два месеца или веќе се неважечки, амбасадата треба да се контактира по мејл во кој ќе се приложи копија од документот.
Амбасадата ќе информира на нејзината веб-страна штом ќе се нормализира протокот на посетители и повторно ќе може да има термини.
Германската покраина Баварија денеска воведе вонредна состојба во траење од 15 дена, која на Владата во Минхен ќе и овозможи полесно преземање мерки во борбата против новиот коронавирус.
– Воведувањето вонредна состојба им овозможува на државните институции побрзо да реагираат доколку е потребно, истакна баварскиот премиер Маркус Седер на вонредната прес-конференција во Минхен.
Таа мерка и овозможува на покраинските власти да издадат директни мерки и насоки, заобиколувајќи го вообичаениот синџир на надлежности. Исто така, Министерството за внатрешни работи може да преземе одговорност за одредени активности.
Властите ги задолжија ординациите на лекарите да пријават респиратори, кои можат да бидат земени и употребени на друго место доколку е потребно. Последен пат вонредна состојба во Баварија беше воведена во 2019 година по обилните снежни врнежи.
Како дополнителни мерки во борбата против ширењето на коронавирусот, Седер најави затворање на сите објекти за слободни активности: од базени, преку фитнес центри до бордели.