Хотел во центарот на Скопје од утрово е во карантин откако има еден сомнителен случај со коронавирус.
Екипата на ТВ21 има ексклузивни снимки од акцијата која ја спроведе МВР заедно со лица од Министерството за здравство. Земени се монстри од лицето кое е странски државјанин по што ќе се изврши тестирање дали има коронавирус.
опладнево уште едно лице се посомневало на симптоми на коронавирус, по што му бил направен тест со кој е утврдено дека е негативен на вирусот.
Лицето било тестирано на Клиниката за инфективни болести во Скопје, информираше Министерството за здравство.
Досега има само еден потврден случај на коронавирус во земјава, 50-годишната жена која допатува од Италија и се лекува во изолирана просторија на инфективната клиника. Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека таа е во рана фаза на заздравување.
Тој, денеска, повикувајќи се на растечкиот број на новозаразени во европскиот регион информираше дека контролата на системот за заштита и превенција во земјава се подигнува на уште повисоко ниво со воведување на „здравствена локатор-карта“ за сите патници во авионите на „Виз Ер“ од Милано и Венеција на скопскиот и на охридскиот аеродром.
„Ова ќе овозможи добра контрола и следење на патниците. Тие ќе остават податоци за тоа на која адреса престојуваат и доколку во некое сценарио се јави некој патник по одреден број денови со симптоми, многу лесно е да ги лоцираме патниците, особено сопатниците кои седеле неколку реда зад и пред заболениот патник во авионот, како што налагаат препораките“, потенцираше министерот Филипче.
Останува препораката за забрана за јавни собири која важи до 6 март. Дотогаш Филипче најави дека Владата ќе излезе со нови препораки во зависност од состојбата со ширењето на вирусот.