Стојан Арсовски, кој бил возач на Бојан Јовановски, објасни дека го носел во неколку институции и во СЈО.
Тоа ми беше во описот на работно место. Се сеќавам дека со Гордана Дувњак еднаш ги однесов во СЈО. Го носев и во Владата, МВР, УЈП. Додека тој беше внатре јас го чекав надвор на паркингот, опиша шоферот на денешното рочиште за „Рекет“.
Стојан Арсовски, кој бил возач на Бојан Јовановски, во сведочењето на денешното рочиште за „Рекет“ објасни дека најпрво бил негов шофер, а потоа го ангажирале и во 1 ТВ. За ангажманот добивал плата од 40.000 денари.
Тој потврди дека постојано бил со Боки и дека среќавал многу луѓе околу него. На прашање на Дукоски дали го познава Зоран Милевски, тој одговори потврдно.
Кичеец го знам од град, но го гледав често и во 1ТВ бидејќи беа пријатели. Кичеец одеше и во домот на Боки во населбата Орман, но јас чекав надвор, објасни возачот.
Бојан Јовановски го праша сведокот Стојан Арсовски да ги опише неговите средби со Орце Камчев и дали го носел во неговиот дом. Тој рече дека неколкупати го носел во домот на бизнисменот па дури и дека му давал подароци.
Добив впечаток дека се многу блиски, го пречекуваше и го испраќаше до врата. Еднаш дури и му подари штафелај за сликање. Едвај го напикав во возилот, објасни Арсовски.
Бојан Јовановски уште еднаш од судот побара да оди во домашен притвор и дека неговата здравствена состојба бара хигиена и соодветно третирање. Тој се пожали дека за неколку дена неговиот татко оди на операција додека мајка му секој ден е на работа и оти нема кој да му носи храна во затврот.
Ветувам дека нигде нема да бегам и дека редовно ќе се појавувам на рочиштата. Цел државен апарат е против мене и се крши на мој грб, рече Јовановски.
Тој во судницата рече дека нема да го цитира Гоце Делчев, бидејќи никој не му е рамен да го цитира, алудирајќи на претходното цитирање од страна на обвинителката Вилма Рускоска. Но, одбра да го цитира Иво Андриќ.
Доаѓаат времиња кога паметниот ќе замолчи, будалата ќе проговори, а фукарата ќе се обогати.
Откако ја цитираше познататра мисла на нобеловецот, Рускоска го запраша Боки дали тоа „фукара се обогати“ се однесува на него.