Некои од туристичките оператори во Струга ја обвинуваат Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот дека селективно ги одобрува субвенциите за посети на странски гости. И покрај тоа што ги поднеле сите неопходни документи кои им биле побарани, како што тврдат – на крајот биле одбиени.
„Сè што ни наложија, сè исполнивме и кога дојдоа да се исплатат субвенциите, ни велат – грешка имате во овој договор, грешка имате во оној договор.
Јас самиот истражував и гледам дека селективно се даваат субвенции. Ако си добар со Агенцијата за промоција на туризмот или ако си добар со политиката, ги добиваш субвениците, ако немаш врска со политика и ако немаш врска со Агенцијата, нема да ги добиеш субвенциите…“-рече Андонис Бегалис-сопственик на тир оператор.
Сопствениците велат дека сега се принудени да бараат заеми за да ги реализираат договорените тури со германски партнер.
„Јас сега ќе бидам приморан да земам кредит, за да платам обештетувања на клинентот мој за да го привлечам да доаѓа пак преку мене. Ние како тур оператори во самата држава сме оставени самите на себе…“-изјави Димитар Бегалис-сопственик на тур оператор од Струга.
Oд Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, без директно да одговорат на обвинувањата на тур-операторот, велат дека во текот на 2019 година имале реализација од 99,83% од планираното.
Биле исплатени приближно 107 милиони денари. Велат дека секој тур-оператор може да закаже состанок со одделението за субвенционирање на организиран туристички промет во Струга. На тој начин се овозможувало увид во предметите, но и како што велат – ќе се видело дека се работи согласно правилникот за делење субвенции.
Целата сторија со видео прилог проследете ја на Алсат М.