Пред неколку моменти информиравме за несекојдневен потег во болницата од Штип каде две лица тестирани од корона вирус побегнале од болницата. Во меѓувреме истите се лоцирани и пронајдени.
Двајца пациенти попладнево скршиле прозорец и избегале од штипската болница каде се пријавиле по скорото враќање од Италија, потврди за Телма министерот Наќе Чулев.
Станува збор за маж од Виница и за неговата партнерка хрватска државјанка кои пред неколку дена стигнале од Италија.
Мажот имал симптоми, и двојката тргнала во Штип на инфективното одделение. Таму пациентот станал агресивен и двајцата избегале откако го искршиле прозорецот. Откриени се во нивниот дом во Виница, каде според МВР полициски тим заедно со експерти од институтот за јавно здравје се обидуваат да ги вратат назад во болницата.
„Лицето е пронајдено во неговиот дом. Ќе остане во домашна изолација додека стигнат резултатите од тестирањето“, велат од Министерството за здравство, a пренесува СДК.мк
Се уште не се знае дали има и втор заболен од коронавирус во Македонија. Резултатите од тестирањата на струмичкиот шофер кој го возеше комбето со кое од Италија допатува засега единствената заболена од Ковид-19 не се готови. Возачот пристигнал со останатите патници утрината на 26-ти февруари, но дури денеска се пожалил на кашлање и болки во градите. Веднаш бил пренесен во соба за изолација во струмичката болница. Министерот Филипче уверуваше дека возачот немал контакт со други лица во изминативе денови.
„Тој е спроведен е во болницата во Струмица, од тим со полна заштитна опрема и се наоѓа во изолација. Во зависност од тоа какви ќе бидат резултатите ќе се одлучи како ќе се постапува понатаму. Доколку тестот е позитивен тој ќе биде транспортиран да се лекува на Инфективната клиника во изолација, ако е негативен ќе продолжи да се лекува во струмичката болница, на одделение и не во изолација“ – рече министерот Филипче.
Засега единствена заболена со вирусот Ковид19 е 50-годишна жена која се наоѓа на Клиниката за инфективни болести. Надлежните велат дека таа е во стабилна состојба, нема дополнителни компликации и е во фаза на оздравување.
Како негативен се покажа и наодот на струмичанецот кој вчера се обрати до медицинските лица, жалејќи се на покачена телесна температура. И покрај тоа што тој се вратил во земјава на 22-ри февруари, дури вчера почувствувал симптоми на корона.
Во домашна изолација во Скопје и Струмица сега се наоѓаат 11 лица, 7 патници во комбето со кое се возела заболената од коронавирусот и 4 членови на нивните семејства со кои тие имале контакт 24 часа по влезот во земјава. Меѓу нив се наоѓаа и две деца на возраст од околу 4 години. Тие не смеат да излегуваат надвор од објектите кадешто се сместени, ниту пак да примаат посетители. 24 часа се под постојан медицински и безбедносен надзор. Храна и вода им доставуваат луѓе од Црвениот Крст.
Двајца бугарски државјани кои живеат и работат во земјава две недели ќе бидат во домашна изолација во Битола откако пријавиле дека биле во еден од регионите во Италија зафатени со коронавирусот.