Поранешниот македонски претседател, Ѓорге Иванов, со семејството, сопругата Маја и синот Иван, се наоѓаат во посета на македонските иселеници во Австралија.
Тој е таму на покана на The Macedonian Community Welfare Association (MCWA) – Македонска добротворна организација, која пред два дена организираше гала вечера со Ѓорге Иванов.
Меѓутоа при неговиот говор, се вклучил противпожарниот аларм, при што салата каде што се одржувала гала вечерта биле евакуирана.
Како што известува порталот Фаланга од Австралија, по рутинската проверка, сите се вратиле во салата, а Иванов го продолжил говорот.
Инаку, на гала вечерата со Иванови можеа да присуствуваат сите со купени влезници. Собраните средства, ќе бидат донирани во хуманитарни цели, информираат организаторите.
Ѓорге Иванов е македонски политичар, универзитетски професор и поранешен Претседател на Македонија во периодот од 2009 до 2019 година. На функцијата стапил на 12 мај 2009 откако победил на претседателските избори истата година како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, а за втор мандат бил избран во 2014 година. Претходно бил професор по право и политикологија на Правниот факултет „Јустинијан I“ во Скопје.
Македонци во Австралија или Австралиски Македонци — едно од поголемите етнички малцинства во државата со над 100.000 припадници. Според ОМД во Австралија има околу 200.000 Македонци. Најголема имиграција на Македонците има за време на Грчката граѓанска војна и Втората светска војна. Исто така голем број на миграции од Македонија во Австралија има во 60-тите и 70-тите години на XX век.