Една ноќ мојот 90 годишен дедо ми се втурна во соба, ми рече да викнам Брза помош и веднаш падна

0

Со дедо ми многу сум врзан и многу го сакам. Од мал постојано сум со него. Везден нешто си работеше низ дворот, а јас се вркав околу него. Честопати со него ме носеше по риби на Вардар, ме учеше како да врзувам јадици и ми ги покажуваше местата каде што “јадеа” рибите.

Едвај чекав после дожд да дојде и да ме повика заедно да собираме полжави. После тоа тој ги носеше на пазар и ги продаваше, а заработувачката “братски” ја делеше со мене.

Му бев партнер за многу работи. Имав убаво детство покрај него. Но, како што тоа бива во животот, јас морав да пораснам, а тој мораше да остаре. Последнава година често почна да се разболува и мораше редовно да оди на лекар.

Еднаш, додека чекав со него во амбулантата, одеднаш му се слоши и целиот пребледе. Многу се исплашив и едвај го задржав да не падне. Потоа, почна да повраќа, а вилицата му летна директно кај мене во раце. Не се згрозив, зошто тоа беше дедо ми, а јас го сакав неизмерно. Само бев премногу загрижен за него. После тоа многу се смеевме на овој момент.

Една ноќ, дедо ми просто се втурна во мојата соба и ми рече ”Сашко, сине, брзо викни брза помош, не ми е добро” и веднаш после тоа падна и се струполи.

Јас се изгубив од страв, па едвај го погодив бројот од брзата помош, па додека ги разбудив моите… а дедо веќе беше целиот пребледнат како крпа. Некако успеав да го повратам така што му истурив цела чаша ладна вода врз глава, а дедо почна да се поти.

Дојде брзата помош, докторот го прегледа и рече дека мора итно да оди во болница, зошто имал инфаркт.

Дали на дедо ми му олесна тоа што дојдоа лекарите или само глумеше за ние да не се грижиме, не знам, ама насред таа гужва со спремањето и транспортот, тој почна и раскажува вицови на медицинската сестра. Не знам од каде му доаѓаа, ги редеше виц по виц.

Се смееше таа, се смееше докторот, се смеев, јас, се смееше дедо ми.. и одеднаш ги затвори очите и си замина.

Многу му благодарам што последните сили ги искористи за да се смее и да биде позитивен, бидејќи таков ќе го памтам до крајот на мојот живот.

И.П.

Претходна статијаИ дефинитивно познато кога и дали ќе има избори
Следна статијаЌерко, ти си најважната личност во твојот живот и никогаш немој да трпиш непочитување! – Те сака, мама