И без плата и без пензија останаа жители на Струга. По завршувањето на работниот однос и исполнувањето на старосната граница за пензионирање, сега во Фондот за пензиско осигурување во Струга нема кој да им ги изготви и потпише решенијата за пензионирање.
Парадоксот е во тоа што во пензија заминале и лицата кои биле овластени да потпишуваат вакви решенија, а на нивно место не биле назначени нови, пренесува Алсат М.
„Заминав со 31.12 во пензија. Досега немаме добиено никакво решение, ниту пак пензија. Поради технички работи, немало кој да ја замени постоечката референтка бидејќи и таа си заминала во пензија и сега немало референт за потписи и печати“, рече Миле Балоски-жител на Струга.
Балоски вели дека напразно чекаат речиси два месеца останати без никакви приходи.
„Не сум само јас, 100 луѓе се во прашање. Документите се овде, само треба да го изготват решението…“, додава Балоски.
Драган Матески до неодамна работел во Чешка. И тој се соочува со истиот поблем.
„Дадов барање за средување на пензија на 4- ти декември минатата година во Чешкиот завод за социјални работи. На 6-ти јануари пратени се документите во централата во Македонија.
Сега повторно ми бараат оригинал работна книшка, преведување на документи и заверени….“, реагира Драган Матески-жител на Струга.
Раководителот на филијалата на Фондот за пензиско осигурување во Струга, Кариман Нуроски, не сакаше да зборува пред камерa, бидејќи немал овластување за тоа.
Сепак, признава дека има проблеми, но тврди дека ќе биле решени деновиве. Првин морало да се направи определена прераспределба на административниот кадар.