Не треба да има разочарување за тоа што не добивме Оскар. Срамота е да има разочарување, нас секој ден ни се случуваа Оскари. Најважното, сепак, беше тоа што Атиџе беше тука. Таа беше главната ѕвезда, истакна еден од режисерите на документарниот филм „Медена земја“, Тамара Котевска, во одговор на новинарските прашања на денешната „онлајн“ прес-конференција од Холивуд.
Котевска вели дека успехот со „Медена земја“ веќе е постигнат, а тоа го докажуваат двете номинации за Оскар, нешто што според неа, нема да се повтори во скоро време и тоа треба да се запамети.
-Вчера беше еден прекрасен настан што вреди да се доживее во животот. Мислам дека најбитното вчера беше за Атиџе што беше таму присутна. Ние со филмот нашето го направивме и сметаме дека успехот е постигнат, појасни Котевска додавајќи дека има разлика кога се прави филм за реални ликови и поминуваш со нив четири години, и кога имаш измислени ликови.
Кога се работи со реални ликови, режисерката рече дека одговорноста е многу поголема затоа што овие ликови не си заминуваат од твојот живот, тука остануваат.
-Едноставно, сите документаристи кои ги видовме годинава, а што немавме можност да ги запознаеме, поминале низ такви животни ситуации со тие филмови што не им дозволуваат да постапат поинаку освен со солидарност до колегите кои поминале низ истото. Имаше еден преубав момент што се случи пред да ги најават номинациите.
Седевме сите заедно од номинираните документарци, сите станаа се гушнаа и се договоривме доколку победи некој од нашите филмови, сите номинирани документаристи да излезат на сцена.
Но, поради организација на оскарите тоа не беше возможно. Сепак, имаше едно најискрена намера тука, и тоа е најубавото чувство за таква колегијалност, додаде Котевска.
Режисерот Љубомир Стефанов на денешната олајн прес-конференција што овинарите ја следеа во МКЦ, истакна дека филмот „Медена земја“ е направен на крајно ентузијастична основа и како што рече, горд е што со еден потфат, без скапи опреми, но со добра идеја и ентузијазам добиле две номинации за Оскар.
– По ова патешествие од пет години, кое искрено не измори, јас лично едвај чекам да почнам да работам на нов проект.
Подготвувам нешто, и секако дека овие номинации носат олеснување за понатамошно наоѓање на финансии, наоѓање копродуценти, но мислам дека најважно е домашното да се подготви и од мојата страна за да можам да го понудам. Веројатно имаме повеќе можности сега, рече Стефанов во одговор на прашањето кои се нивните идни планови.
Според продуцентот Атанас Георгиев, филмот произлегува од индивидуалци, а пренесува универзална порака и таа порака се пренесува низ цел свет, истакнувајќи дека ја смениле историјата и начинот на гласање на целата Академија и документаристиката од сега натаму ќе се гледа поинаку.
Прашан за мислење зошто токму „Американската фабрика“ освои Оскар, тој појасни дека станува збор за квалитетен филм зад кој стои „Нетфликс“.