Во Градската општа болница „8-ми Септември“ од повредените од тешката сообраќајна несреќа, во моментов се лекуваат 19 пациенти. Од нив, 14 пациенти се стабилни и се во добра здравствена состојба.
Двајца пациенти се на респираторна машина и се во животозагрозувачка состојба. Тројца пациенти се нестабилни, во тешка здравствена состојба под опсервација и мониторинг.
Во Клиничкиот центар во Скопје вкупно се лекуваат 6 пациенти, од кои 4 на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ. Двајца се во стабилна здравствена состојба, додека пак другите двајца од нив се во критична состојба.
Еден од пациентите се наоѓа на Клиниката за торакална хирургија и е во стабилна здравствена состојба, еден пациент од неврохирургија и една пациентка (трудницата) која се наоѓа на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, се исто така во стабилна здравствена состојба.
Во стабилна и во добра здравствената состојба е и пациентот кој се наоѓа во Клиничката болница во Тетово.
Министерот за здравство Венко Филипче во изјава пред Клиничкиот центар потврди дека утрово на повредите им подлегна уште еден од пациентите примени на КАРИЛ по трагичната автобуска несреќа кај Ласкарци.
-Стануваше збор за тешки повреди на градниот кош и на белите дробови. Станува збор за 38-годишен пациент кој се лекуваше на КАРИЛ. Денеска на Клиниката се сместени четворица пациенти кои имаат сериозни повреди. Информиравме за девојката и за нејзината состојба по вчерашната хируршка интервенција и тројцата пациенти кои исто така се во тешка состојба. Во болницата „8 Септември“ на интензивна нега се сместени пет пациенти, двајца и натаму се на респираторна машина, состојбата не им е сменета во однос на вчера. Тројца пациенти кои не се на респираторна машина, но исто така имаат тешки повреди се во критична состојба, информираше Филипче.
-Пациентот беше меѓу првите примени дента. Тој беше опериран меѓу првите, кога ги отворивме првите четири сали. Поради сериозноста на повредата следниот ден беше повторно ревидиран и направена е хемостаза и обид да се запре тешкото крварење на белиот дроб. По интензивен конзервативен и оперативен третман на пациентот, денеска во утринските часови, за жал, им подлегна на повредите, соопшти директорот на Ургентен центар Илир Хасани.
Тој информира дека 20-годишната девојка на која ѝ беше ампутирана ногата, по две операции за спасување на нејзиниот живот, и натаму е во тешка критична состојба. Во тешка состојба е уште еден пациент со торакална повреда кој е во единицата за интензивна нега.