Албанскиот портал „Флака“ објави фотографија од 15-та жртва од трагичната несреќа на 13 февруари.
„Утринава околу 5 часот, повредениот во сообраќајката со автобусот, им подлегна на повредите. Директорот на ургентниот центар, Илир Хасани, го потврди случајот и рече: “За жал, Ферди Касо не успеа да ги преживее повредите, и покрај максималните напори од тимот, денес околу 5 наутро го изгубивме” стои во објавата на Фејсбук.
Триесет и деветгодишниот Ферди Касо од Гостивар е последната жртва од тешката сообраќајна несреќа кај Ласкарци, каде во попладневните часови на 13 февруари се преврте патнички автобус. Касо е 15 жртва во трагедијата, а на скопските клиники во животозагрозувачка состојба се наоѓаат пет повредени лица.
Како што пренесува „ТВ Шења“, Касо е татко на две деца, љубител на фудбал.
Како што соопшти Министерството за здравство, 15 жртва подлегна на повредите утрово во 5 часот на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ во Скопје.
Патникот при несреќата се здобил со тешки повреди на градниот кош и белите дробови и веднаш е пренесен во болницата „8-ми Септември“, од каде поради сериозноста на повредите уште вечерта е пренесен на КАРИЛ.
Врз повредениот биле извршени две операции истата вечер откако бил донесен на Клиниката, поради големото крварење од белите дробови.