Синоќешната вест за 14-те загинати патници Гостиварци во автобуската несреќа на патот Скопје-Тетово, ги потресе жителите на првиот град на Вардар.
Од кругот на семејството на еден од загинатите за МИА потврдија дека меѓу настраданите е и раководителот на Секторот за сообраќај на Град Скопје кој по работното време се враќал за дома во Гостивар.
Пејачот Перо Пандилоски, кој по потекло е од Гостивар, на социјалните мрежи низ солзи објави за загубата на другарот.
Потврдено е дека меѓу настраданите е и синот на пратеникот Благојче Трпевски.
Меѓу повредените лица од вчерашната автобуска несреќа кај Карпалак е и портпаролката на ЕВН, Вјоса Селими, која се здобила со фрактура на рамото и се наоѓа во добра состојба.
Премерот, Зоран Заев, по денешната посета на повредените, рече дека поголемиот број од повредените се помлади.
-Ги видов сите повредени кои се надвор од животна опасност. Се работи за млади луѓе. Зборував со момче кое има 19 години и со едно девојче. Зборував и со портпаролката на ЕВН, ве поздрави вас колегите – рече Заев.
Од Градската општа болница „8 Септември“ испартија апел до роднините на повредените да бидат без грижи и дека нивните најмили се во сигурни раце. Од таму додаваат дека имало потешкотии при идентификација на смртните случаи.