Потекнувавме од мал град. И двајцата на студии дојдовме во за нас големото Скопје. Целите студии ние излегувавме и се забавуваме, се сакавме, но, не си признававме.
Пораснавме, јас излегов од кратка врска во која во тоа време не гледав иднина, па решив мојава грижа и љубов да и ја посветам на малечката од мојот град. Ја знаев како диши. Насмеана, малечка, кротка и тешко допирлива.
Беше само моја. Изгубена и моја во големиот град.
По неколку месеци врска решивме да почнеме да живееме заедно. Наместо да преспива кај мене, се пресели во мојот стан. Се залажував со муабетот „Што да плаќа кирија џабе“.
И убаво ни тргна, се вклопувавме и уживавме во заедничкиот живот. За викенди заедно си одевме кај семејствата и со душа чекавме да се вратиме во Скопје, да си спиеме заедно.
Се беше во ред, додека не почнаа да се шират гласини дека додека јас навечер спијам за наутро на работа да станам, да ја застанам фирмата што ја отворив на нозе, таа лежи во прегратката на нејзиниот колега додека нема пациенти.
Не сакав да верувам во тие муабети. Тешко ми беше. Златни шанси за неа испуштив. Сакав со неа да го минам животов тука, во големиов град, во нашиот мал град и секаде.
Било каде, она до мене да ми е. И сега читате и си велите маж ли е ова што ли е. Да, јас сум маж кој ги почитува, цени и чува жените. Кој би го дал животот за семејството и саканата.
А ме снајде мојата малечка да ме изневери. Да заборави од каде дојдовме, да станат Скопје и тој скопјанец нејзиното се!