Сузана Турунџиева уште од шест годишна возраст свири на клавир, а на дванаесет години без знаење на родителите, со заштедени пари си купува гитара, на која почнува да учи да свири.
Средно музичко училиште завршува во Битола и во текот на четирите години освојува вредни награди на републичките и сојузните натпревари по соло пеење.
Во 1987 година се запишува на ФМУ во Скопје, на отсекот по соло пеење во класата на професор Благоја Николовски. Во годините кои следат добитник е на вредни награди..
После дипломирањето на ФМУ, заминува во Австралија, на покана од КУД „Александро Турунџев“ од Мелбурн. Покрај неколкуте успешни концерти низ Викторија, во ноември истата година учествува и на еден натпревар за пеење „Да пеам, да те натпеам“, каде ја освојува првата награда.
По враќањето од Австралија, се запишува на постдипломски студии по соло пеење на ФМУ Скопје, и започнува да работи како професор по соло пеење и камерна музика во средното музичко училиште, Илија Николовски Луј.
На покана од А1 телевизија работи на музички проект, насловен како „Мелодија“. Има учествувано во мјузикли, ТВ драми и детски претстави.
Во 1999 го издава својот прв албум со евергрини. Велат дека уметниците секогаш имаат повеќе таленти, а Сузе тоа го докажа и со пишаниот збор, и зад себе има повеќе романи- објави Женски магазин во една прилика за Сузана.
Таа сега е водител на ТВ Алфа, исто така изработува уникатни подароци, а предава музичко во основно училиште.
– Мојата приказна со камчињата има подолга историја, но јас никогаш не обрнав доволно внимание за да увидам колку многу нешта креативни можат да се прават со мали и навидум обични камчиња.
Можноста да патувам низ разни земји ми даде прилика да видам колку луѓето што живеат на море прават ремек-дела, уметнички креации…
Сувенири и подароци од камен и ме инспирираше и мене да се осмелам да се изразам на јазикот што го „говорат“ камењата и сум многу благодарна затоа што фантазијата ми се вклучи на најјако веднаш кога ја направив првата персонализирана приказна.
Така што, до ден-денес без оглед на обврските, недостигот на време, грижите и проблемите, јас не престанав да создавам уметнички, уникатни, персонализирани креации од камчиња“, изјавила Сузана за Слободен печат и додала:
– Ми фалат барем уште 5-6 часа во денот за да можам да се наспијам.
Работата во утринска емисија ми го зеде сонот и понекогаш ме совладува заморот.
Но, се трудам да надоместам, колку можам, за потоа да стасам секаде каде што сум потребна, да им бидам поддршка и помош на сите што зависат од мене и паралелно да правам добри дела“, рекла Сузана.
Сузана Турунџиева во едно интервју за Женски Магазин зборуваше за нејзините почетоци, нејзините дела и се’ она што го има постигнато.
,,Во минатото умеев почесто да пл ачам, мислејќи дека така ќе си олеснам. Подоцна увидов дека не ми станува подобро, ниту полесно, туку само се залажувам. Не паметам кога последен пат се имам расплакано.
Веројатно затоа што јас немам време за пла чење, жалење и ку кање се додека од мене зависат други на кои сум им потребна здрава, насмеана, ведра и со широка насмевка и прегратка.”
Што се однесува до прашањето како ја држи главата горе после сите искушенија кои и ги предизвика животот, Сузана одговори дека потрагата по некои вечни прашања за неа се’ уште трае.
,,Што се однесува до ГЛАВАТА ГОРЕ, чинам дека тоа ми е во „фабричка подесеност“ и го имам наследено од татко ми Васко.
Секогаш кога ми е тешко и кога ќе се погледнам во огледало, го гледам и слушам него како ми вели:
Можеш ти сине и ова ќе го победиш“, има изјавено Сузана и тоа досега се покажало како точно, таа е навистина една силна личност со исправена глава.