На денешен ден, на 8-ми март, го прославуваме меѓународниот ден на жената.
Ова е денот кога ги одбележуваме постигнувањата на жените во општеството, а истовремено ги потсетуваме сите за потребата од еднаквост и почит кон половите.
На овој ден, ние како редакција, сакаме да им го честитаме празникот на сите жени низ светот, кои се смели, умни, силни и независни.
Без вас, светот не би бил ист. Вие сте тие, кои прават разлика и поставуваат нови стандарди за иднина.
Дозволете да го одбележиме специјалниот ден, покажувајќи почит и благодарност кон сите жени – мајки, сестри, ќерки, кои нè прегрнуваат со љубов и поддршка секојдневно.
Да се радуваме на нивните успеси и да ги почитуваме секој ден во годината.
Во оваа прилика, го издвојуваме статусот на свештеникот во МПЦ, отец Димитар Арсовски, кој упати порака до мажите, како треба да се грижат и како да ги сакаат своите жени:
„Како што преку жена дојде гревот, така преку жена дојде спасението. Лага и клевета е дека Црквата ја гледа жената како пониско и потчинето битие на мажот.
Црквата од Жената над жените секојдневно проси молитвено застапништво пред Бога преку ликот на Богородица која треба да е идеал на современата жена.
Да се биде жена денес е крст, распнување помеѓу семејните и работните обврски, распнување помеѓу тоа да се биде мајка и деловно успешна.
Токму поради таа причина кај нас православните жената не може да биде свештеник, зашто го има дарот на свештенството во црквата во мало (семејството) а тоа е преубавиот дар на мајчинството.
Немаме никаква потреба од феминизам или од патријархат доколку ги послушаме зборовите на апостолот Павле кој советува: вие мажите сакајте ги жените свои како што ги сакате своите тела.
Таков треба да односот на едни кон други, љубовен во вистинска смисла на зборот, сето она што е надвор од Бога е чист хуманизам и непотребен активизам кој е со краток рок на употреба.
Мажи сакајте си ги жените; жени бидете им потпора и утеха на мажите…“